Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Дамева од судски приправник преку фотка со Заев до прв човек на Судскиот совет
Изборот на Весна Дамева за претседател на Судскиот совет е показател за партизирањето на судството во Македонија кое го прави власта на СДС и ДУИ. Што би рекле граѓаните, „партизирањето пуштено на најјако“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Без ден искуство како судија таа прво беше избрана за член, а сега дојде до позиција претседател на совет, кој ќе оценува и избира основни, апелациони и врховни судии. Судски приправник како Дамева да догура до вака висока позиција во судството е како болничар да стане неврохирург и без какво било образование и искуство да влезе на операција“, обвинуваат од опозициската партија.
Оттаму додаваат дека ваквите кадри во судството се причината зошто граѓаните немаат доверба и зошто корупцијата и криминалот на власта цветаат.
„Исто како и изборот на Ислам Абази така и изборот на Дамева се класичен партиско политички договор на владејачките партнери. Тие дури и запазиле во текот на изборот лицата да имаат фотографии со врвните партиски фигури од двете партии како врвна препорака за функцијата. Ова ако им е критериумот, тогаш очигледно строго го почитувале. Да биде уште потрагично, за Дамева ваквата фотографија со Заев не била ништо спорно. Тоа го покажува капацитетот и моралниот интегритет на една личност која од партиската правна комисија на СДС брзопотезно стана претседател на Судскиот совет“, се вели во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, вакви залутани ликови во правосудството треба час поскоро да си заминат. Време е да понесат одговорност сите оние кои преку партиски нарачки дојдоа на функции да го штитат криминалот на власта, порачаа од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

