Македонија
ВМРО-ДПМНЕ да престане да ја лаже јавноста и да се извини за штетите што ги нанесе, бара СДСМ

Осиромашување на мнозинството граѓани и богатење на малкумина од нив е лошата слика за времето на криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Таа лоша слика се менува, економијата се движи во добар правец. Токму погубните криминални политики на ВМРО-ДПМНЕ доведоа до тројно зголемување на долгот и огромна буџетска дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, соопшти СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ да престане да ја лаже јавноста и да се расфрла со паушални бројки и проценти за даноци што допрва треба да подлежат на јавни дебати и дискусии. Се спроведува темелна анализа за начините и моделите на обезбедување фер даночна политика во земјата. Во моментот кога анализата ќе биде подготвена, таа ќе се презентира пред граѓаните и пред стручната јавност со цел да се отвори јавна дебата базирана на точни податоци и факти.
Залудни се лажните вести на ВМРО-ДПМНЕ, економијата се движи во добра насока. Растот на минималната и просечната плата, рекордниот износ на странски директни инвестиции е 235 милиони само во првиот квартал од оваа година, падот на невработеноста и намалените трошоци за живеење се само дел од економските параметри што ја докажуваат успешноста на економските политики на Владата предводена од СДСМ“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Центар денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради технички зафати во водоводната мрежа на улицата Филип Втори (пред хотелот Холидеј ИН) прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Филип Втори, Мирче Мацан, Мирче Ацев и Кеј 13 – Ноември, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Дел од Батинци денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска без напојување со електрична енергија ќе останат корисниците од дел од село Батинци, општина Студеничани.
Корисниците ќе бидат без струја од 08:30 до 13:30 часот.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 28 степени

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Времето во наредните денови
Во ноќта петок кон сабота и во сабота претпладне ќе биде нестабилно со локални поројни врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни проследени со појава на грмежи.
Преодно стабилизирање на времето ќе има во недела, а во понеделник се очекуваат повремени врнежи од дожд. Дневните температури од сабота ќе бидат во опаѓање.