Македонија
Чавков и пет пратеници на ВМРО-ДПМНЕ седнуваат на обвинителна клупа за крвавиот четврток
Тројца судии на кривичниот суд во Скопје на нејавна седница го одобрија обвинението за настаните од крвавиот четврток, соопшти кривичниот суд. Тоа значи дека на обвинителна клупа за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста седнуваат ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, како и петте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ: Крсто Мукоски, Љубен Аранудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски и Љупчо Димовски. Вкупно обвинети за крвавиот четврток во Собранието се 30 лица.
„По детаљното разгледување на сите приговори поднесени од одбраната и обвинетите, како и ценење на фактите и доказите приложени во обвинителниот акт, се донесе решение со кое се одобри обвинителниот акт во целост. Кога ќе биде формиран кривичен предмет по обвинителниот акт и тој во согласност со АКМИС-системот ќе биде распределен на понатамошно постапување и ќе биде закажан термин за главна расправа, странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“, соопштија попладнево од судот.
Обвинети, меѓу другите, се и Горан Ѓошевски, личното обезбедување на тогашниот претседавач на Собранието, Трајко Вељановски, разрешениот ексначалник во МВР, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, вработен во Агенцијата за разузнавање, собранискиот обезбедувач Абдулфета Аљими, претседателот на патриотското здружение „Пере Тошев“ од Прилеп, началникот во МВР, Душко Лазаров, Митко Пешов, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Александар Василевски-Нинџа…
На обвинителна клупа ќе седнат и оперскиот певец Игор Дурловски, еден од организаторите на движењето „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, режисерот Борис Дамовски, актерот Владо Јовановски. Ќе им се суди и на двајцата вработени во УБК, Оливер Радулов и Сашо Марковски, кои ги одзеле харддисковите со безбедносните видеоснимки од Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.