Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Додека владее тешка криза, службеници на Владата се луксузираат под покритие како новинари
Вработени во службата за општи и заеднички работи при Владата, како новинари, на државен трошок, престојувале во Софија, Бугарија, три дена од 24 до 26 јануари. Кај ги прикривале како новинари, па и скапо го плаќале нивниот престој. За шест лица вработени во Владата, според написите на медиумите, биле обезбедени шест хотелски соби со полн пансион за три дена, иако посетата била дводневна, плус дополнителен превоз со возила од Владата, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Ете ова е луксузот на Власта во време на криза. Додека ги убедуваат просветните работници дека нема доволно пари за законското покачување што им следува, нема исплатени субвенции во образованието, нема ефективни мерки за зауздување на инфлацијата, оваа власт продолжува со трошењето народни пари за хотелски услуги, патувања и слично.
Од партијата потсетуваат дека стотици милиони евра од буџетот се наменети за непродуктивни трошења, луксузи и задоволства на власта. Во време на криза потрошија 2,5 милиона евра за службени возила, а дополнителни 2 милиона евра само на мебел, кафиња и режени цвеќиња.
Народот го плаќа скапо луксузот на власта. Ова мора да престане. Оваа власт е извор на скандали и кризи и мора да си замине, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: После повеќе од 60 години Охридскиот аеродром е легализиран
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави дека аеродрoмот Св. Апостол Павле во Охрид конечно е легализиран.
„На последниот ден од 2025 година сакам да споделам убава вест дека охридскиот аеродром кој оперира уште од 1970-тите години конечно е легализиран!
Изминатава година тим од Министерството за транспорт, АД Аеродроми и ТАВ, заедно со Катастар, Државното правобранителство, Управата за имотно-правни работи и други владини институции посветено работеше конечно да се впише Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ во катастар и конечно овој стратешки објект да добие имотен лист.
Во нормални услови ова воопшто не би било вест, но после толку години негрижа и запоставување на државниот капитал сметам дека е важно да се запознае јавноста.
Во следниот период ќе работиме на модернизација и реконструкција на Охридскиот аеродром со цел да привлечеме нови туристи“, објави вицепремиерот Николоски.
Македонија
Зајкова: Во новата година посакувам храброст, достоинство и правда за држава со вредности, а не само со процедури
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи на македонските граѓани во новата година им посака храброст, достоинство и правда, за да имаме држава со вредности, а не само со процедури.
„Драги пријатели, сограѓани, зад нас оставаме година во која корупцијата не беше само вест, туку сурова реалност која во Кочани чинеше животи. Гледавме како реформите стануваат козметика, а законите се менуваат побрзо од календарот. Додека институциите брзаа со ‘итни’ и ‘скратени’ постапки, вистинското подобрување на животот на граѓаните остана во чекалната. Администрацијата е изгубена во хаос поради брзи неусогласени закони, судството во лажни ветувања, а довербата – е во колективна амнезија“, пишува Зајкова во својата објава.
„Во 2026 година, посакувам: храброст – да не се навикнуваме на ненормалното; достоинство – да не бидеме само бројка во нечиј експеримент и правда – која не се купува и не се договара во 5 до 12. Нека новата година не биде уште една ‘скратена постапка’. Заслужуваме држава со вредности, а не само со процедури“, додава Зајкова.
„Среќна и борбена Нова 2026 година! Да ве служи сите добро здравје, среќа и да… со Македонија да се гордееме на Светското првенство во фудбал“, завршува Зајкова во својата честитка до граѓаните.
Македонија
Коњановски: Заеднички да ја дочекаме Новата година кај Офицерскиот дом
На неколку часа сме пред Новата година, a старата за момент ни донесе ново новогодишно зимко руво. Снегот кој го имавме во текот на ноќта беше вистински украс на преубавата предновогодишна Битола. Ќе биде ладно, но топло во нашите срца, порача битолскиот градоначалник Тони Коњановски.
„Време е заедно да одбројуваме и да ја дочекаме новата година. А има ли поубаво место од епицентарот на забавата-платото пред величествениот Офицерски дом. Денов изминува со детска програма за нашите најмлади и убава дружба со музичката програма во Старата чаршија.
Ве поканувам вечерва заедно да празнуваме, да се веселиме, да се дружиме
на главната сцена.
Вечерната програма пред Офицерскиот дом започнува во 20:30. На почеток забава со Борче Наумовски, потоа „Кабаре за раѓањето и вечноста“, „Баркод бенд“ и од 23:00 до 1:00 часот по полноќ со групата „Нокаут“. Оттаму ќе ги испратиме планинарите и љубителите на планината кои
традиционално и годинава ќе бидат први на први на врвот „Пелистер“. Да бидеме заедно, обединети, во новогодишно заедништво“.

