Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Жива срамота е СДС да говори за клановски пресметки, бидејќи тие се творците
На прес-конференцијата на СДСМ, реагираше владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Грдото лице на власта на СДС и ДУИ значеше и бруталната пресметка на клановите Дуќанџик и Арачиново. Оваа клановска борба својот врв го достигна во време на Оливер Спасовски, кога лица тесно поврзани со мафијашките структури беа дел од неговиот кабинет, а полициски службеници заедно со криминалците учествуваа во директните пресметки, како што беше таа во хотелот Александар Палас. Владеењето на СДС и ДУИ беше симболот на беззаконието и јакнењето на подземјето.
Разузданите банди и мафијашките пресметки низ Скопје и други места се директно дело на поранешната власт, затоа што истите ги користеа за избори, а после им се оддолжуваа со тоа што им ги отвораа улиците за трговија со дрога. Жива срамота е СДС да се дрзне да говори за вакви пресметки, бидејќи тие се творците на клановите и клановските пресметки по угостителски локали, трговски центри и по улици. СДС нека се покрие од срам, затоа што ги охрабруваа членовите на подземјето да дивеат, им даваа заштита и поддршка, а не изостануваа и фотографии на мафијаши со функционери од власта на СДС и ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, обвини дека Македонија се претворила во Див Запад откако Панче Тошковски е министер за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

