Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев и функционерите на СДСМ се шетаа со хеликоптерот, а резултат од патувањата беше блокада на Македонија на сите полиња
Додека СДСМ беше на власт, а Зоран Заев премиер тој низ Македонија се возеше со хеликоптер. Истото го правеше и Радмила Шекеринска како министерка за одбрана, но не остануваа покусо и другите функционери на СДСМ да го користат хеликоптерот, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако претходно од страна на СДСМ беше истакнато дека скандалот со луксузните патувања на Мицкоски и неговите министри, со бизнис класи и карти од речиси 20.000 евра покажало колку душмански ВМРО-ДПМНЕ ги троши народните пари.
„Функционерите на СДСМ не само што за низ Македонија го користеа хеликоптерот, се луксузираа и што вели народот за наваму натаму и со владиниот авион.
Функционерите на СДСМ не сопираа тука. Тие трошеа за низа непродуктивни патувања, патувања кои резултираа со блокирање на Македонија на секое поле.
Сега ситуацијата е сосема поинаква. Средбите се со цел и се во полза за Македонија и граѓаните. Или за овој период има околу 20 средби, а истите резултираат со отворање на патот за граѓаните и Македонија во подобра насока. Или само за овој период има три инвестиции кои ќе го зголемат стандардот.
Колку за илустрација само на Самитот на Европската политичка заедница, премиерот Христијан Мицкоски се сретна со новиот министер за надворешни работи на Велика Британија, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, Јаков Милатовиќ, претседателот на Црна Гора, Румен Радев, претседател на Бугарија“, се потенцира во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
Македонија
Зајкова: Една изборна единица има смисла само со отворени листи
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, реагираше по одржаната лидерска средба во Клубот на пратеници, оценувајќи дека нејзиниот исход е „0 проценти економија и 100 проценти политика“.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи. Во спротивно, како и денес, само неколку мажи ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните. Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и повеќе пари за граѓаните“, напиша Зајкова на својот Фејсбук профил.
Од ЛДП посочуваат дека лидерската средба има смисла само доколку отвори суштински прашања што директно го засегаат животот и животниот стандард на граѓаните, а не доколку се сведе исклучиво на дилемата за укинување или задржување на техничката влада.
Во соопштението се наведува и дека, иако Зајкова е пратеничка и единствена жена-лидер на партија во Македонија, таа не добила покана за учество на средбата. Организаторите, како што се посочува, одлучиле да поканат само претставници на партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
„Лидерските средби не треба да бидат поле за дневно-политички надмудрувања и покажување мускули, туку простор за носење решенија и одлуки што ќе придонесат за подобра иднина на сите граѓани“, наведуваат од Либерално-демократската партија.

