Македонија
ВМРО-ДПМНЕ за кочанскиот градоначалник: Ова е партиски реваншизам, именувал директор кој не бил по кејфот на власта

Градоначалникот на Кочани, Папазов, именувал директор на училиште кој не бил по кејфот на власта, а кривичната пријава е директен партиски реваншизам. Ваква е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно денес, МВР соопшти дека против градоначалникот е поднесена кривична пријава оти именувал директор на СОУ „Гошо Викентиев“ Кочани кој не ги исполнувал условите за вршење на должноста, односно немал положен испит за директор во рокот.
„Денес МВР на претендентот за претседател на државата Спасовски, и Ковачевски, под налог на ДУИ открија голем и страшен криминал. Значи не е тендер, не е матна милионска зделка во 4 очи, не е ниту дуќан, зграда или Ауди кое необјасниво станало директна или индиректна сопственост на некој кој е на функција. Туку Папазов од Кочани именувал директор на школо кој не бил по кејфот на власта. Затоа заработи кривична пријава, а МВР пушти соопштение небаре откри голем криминал, а не директен партиски реваншизам. Со ваква полиција, со ваков несуден кандидат за претседател кој ја води полицијата и со ваков премиер криминалците немаат мака, мирно си спијат и си работат“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Улица во Кисела Вода денес без струја

Корисниците на улицата Кумановска во општина Кисела Вода денес ќе останат без електрична енергија во периодот од 12:00 до 15:00 часот, информираат од ЕВН Македонија АД.
Прекинот е најавен поради технички зафати на дистрибутивната мрежа.
Македонија
Денес сончево и топло, од четврток промена на времето

Утрото ќе биде ведро и посвежо, а преку денот се очекува претежно сончево и топло време, со слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 6 до 14 степени, додека максималните ќе достигнат од 27 до 33.
Во Скопје ќе преовладува сончево време, со утринска температура до 12 и дневна до 33 степени, информира УХМР.
До среда ќе се задржи стабилно и топло време. Од четврток попладне следува период на променливо облачно време со локални врнежи. Во петок се очекуваат и гремежи, како и умерен до засилен југоисточен ветер.
Температурите ќе бидат во постепено опаѓање, особено за време на викендот.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.