Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Злоупотребата на тендерски постапки е синоним за СДС и ДУИ
СДС нема право да зборува за непотизам затоа што во време на СДС и ДУИ партизацијата и непотизмот беше застапен во секоја пора од општеството. Непотизмот се прошири и надгради во време на СДС и ДУИ а граѓаните масовно се иселуваа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС нема право да зборува за злоупотреба на парите на граѓаните бидејќи во време на СДС и ДУИ 7 години се потрошија милионски Буџети а не направија ништо. СДС и ДУИ масовно ги злоупотребија институциите за сопствени лукративни причини, а преку ноќ милионери станаа роднини и блиски луѓе до врхушката на СДС и ДУИ.
СДС нема право да зборува за злоупотреба на тендерски постапки бидејќи во време на СДС и ДУИ тендери се доделуваа во четири очи. Вриело од корупција во јавните набавки во мандатот на СДС и ДУИ. Во време на СДС кога милијарди народни пари беа во прашање СДС дозволија надзор да им бидат фирми за производство на долна облека“, истакнуваат од владејачката партија.
СДС, според нив, нема право да зборува за корупција бидејќи функционерите од СДС и ДУИ се докажа дека се до гуша во корупција.
Потсетуваат дека Артан Груби заедно со судијата Енвер Беџети ставени се на црна листа на САД.
Според ВМРО-ДПМНЕ, со измени на Законот за јавни набавки преку дефинираните услови се зајакнува стручноста и компетентноста на претседателот и членовите на Комисијата и се определува дека истите треба да има најмалку 10 години работно искуство од кои најмалку пет години во областите за кои е надлежна да одлучува Државната комисија, односно од областа на јавните набавки. Исто така, како што велат, се зајакнува и независноста и професионалноста на Државната комисија и се утврдува дека претседателот и членовите на Комисијата не смеат да бидат членови на орган на политичка партија.
ВМРО-ДПМНЕ се залага и работи за унапредување на транспарентноста во институциите и системот како и на поголема достапност на информациите од јавен карактер, додаваат од партијата на Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски и Мицкоски на увид во градежните активности на булеварот „Македонија“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски синоќа извршија теренски увид во градежните работи на булеварот „Македонија“ со кој главниот град ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.
Ѓорѓиевски вели дека работата се одвива со засилена динамика, десетици камиони и градежни машини се на терен, дури и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален и не се создаваат дополнителни гужви.
„Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Во рамки на оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде продолжува кон следната фаза. Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. На потегот од улицата „Пролет“ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори“, објави градоначалникот на Скопје.
Во наредните фази, додава тој, е предвидена изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
„Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – значаен чекор кон поотпорна, одржлива и функционална урбана инфраструктура. Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот, побрзо и поефикасно движење низ централното градско подрачје и создавање на побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.
Македонија
Прочка – празник на искреното меѓусебно простување кај православните верници
Денеска православните верници го слават празникот Прочка.
Овој ден е голем празник за христијаните бидејќи ја претставува искрената волја за срдечно простување меѓу луѓето. Со празникот се поврзани и голем број на обичаи и верувања.
Прочка е ден на меѓусебно простување помеѓу верниците, пред почетокот на Велигденскиот пост. Датумот на празникот се менува во зависност од датумот на Велигден и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.
Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Според традицијата, прошка бара помладиот од постариот со зборовите „Прости ми“, а постариот одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“.
Со Прочка завршуваат зимските и почнуваат пролетните празници.
Македонија
Променливо облачно со засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени сончеви периоди. Во утринските часови, во повисоките предели на северозападот можно е краткотрајно провејување на слаб снег.
Ќе дува умерен ветер од северен правец, а долж Повардарието повремено ќе биде засилен и ќе достигнува брзина до 60 километри на час. Минималната температура ќе се движи од -4 до 4 степени, додека максималната дневна ќе биде меѓу 5 и 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува променлива облачност со кратки сончеви периоди. Северниот ветер на моменти ќе засилува, особено во одредени делови од котлината. Утринската температура ќе се спушти до 2 степени, а дневната ќе достигне до 11 степени.
Во текот на новата седмица се очекува стабилно време. Исклучок ќе биде вторник, кога кон крајот на денот, претежно во североисточните делови од земјата, се можни повремени локални врнежи од дожд. Утрaта ќе бидат постудени, а дневните температури ќе бидат во постепен пораст.

