Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Избори мора да има, Заев е исплашен бидејќи ќе одговара
Република Македонија не смее повеќе да биде заложник на криминалот и алчноста на Зоран Заев и избори мора да има, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Избори мора да има за да престане тригодишната агонија на континуирано задолжување, заминување на младите, епидемија од корупција, нула капитални инвестиции и сеопшто тонење.
Со секој изминат ден, стравот на Заев од соочување со граѓаните е сè поголем затоа што знае дека не само што ќе го испратат во опозиција, ќе бараат од него и кривична одговорност и враќање на секој украден денар.
Аболицираниот Заев на чело со СДСМ со законот за Јавно обвинителство сака да се амнестира и да продолжи селективната правда. Повеќе од јасно е дека тој е главата на октоподот. Од снимката објавена во јавноста може да се слушне како криминалецот Зоран Заев признава дека ја помагал телевизијата на Боки Јовановски, кој, пак, е главноосомничен за „Рекет“ заедно со Катица Јанева.
Затоа Зоран Заев сака да озакони класична неправда, односно незаконски снимки да може за други да се користат како докази, но не и за него бидејќи се со понов датум.
На граѓаните им е јасно дека Зоран Заев е политичко минато и дека државата и правниот систем со него на чело се распаѓаа во изминативе три години. Зоран Заев мора да оди на политичкото буниште за да почне обнова на државата на сите полиња. На 12 април СДСМ и Зоран Заев заминуваат. Зоран Заев никогаш повеќе“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

