Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Институциите да истражат како семејната фирма на Груби со 4 години по ред загуба купила имот од половина милион евра
Нервозата кај Артан Груби станува сè поочигледна по секој аргумент кој покажува дека неговите блиски луѓе трупаат енормно богатство во време кога сите граѓани осиромашуваат. Веќе не поминува неговата реторика и етикетирање. Фактите ги гледаат и Албанците и Македонците и сите други. Артан Груби е прочитан како буквар, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека Груби треба да одговори како туристичката агенција во сопственост на неговиот брат „ЕТЦ травел“ се секнала со луксузен имот на улица Македонија со површина од 127 м2 со вредност од речиси половина милион евра кога истата таа фирма според податоците на Централниот регистар 4 години по ред работела со загуби.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат како може ваква несолвентна фирма да земе толку голем кредит кога има пад на приходите од 73 %? Дали Артан Груби ја користел својата позиција во Владата да ѝ овозможи повластици на семејната фирма? Како фирмата на Груби стекнува толкав луксузен имот во време кога илјадници други компании ставаа клуч на врата.
Дека Ковачевски со денови се крие и не смее да изусти ни збор, тоа е веќе очигледно. Затоа не го повикуваме него да го разреши Груби по овој скандал. Ги повикуваме ДКСК и ЈО да отворат случај за богатењето на семејството Груби, да го истражат овој имот, но и другите скандали поврзани со заменикот на Ковачевски. Европските вредности подразбираат чесност и отчетност, но и владеење на правото. Еве им можност на институциите да се покажат на дело, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес дожд и грмежи, можно е краткотрајно невреме со силен ветер и град
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има услови за појава на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе се движи од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.