Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Канцер-мафијата е заштитена од власта, два месеца по обелоденувањето на случајот, нема одговорност за никого
Канцер мафијата е заштитена од власт, 2 месеци откако се обелодени случајот, нема одговорност за никого, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, ЈО со непостапувањето и незаинтересираноста со која пристапува кон случајот овозможува канцер мафијата да продолжи со нерегуларностите.
„Според документите кои пристигнаа до нас има сериозни индиции дека криминалот на Онкологија не запрел. Власта си поигрува со човечки животи, а една веледрогерија блиска до власта печали. Имено според Извештајот за работата на Онкологија, набавките кои се вршени се менувани без согласност од Клиниката. Во Извештајот е нотирано – Нарачките се подготвуваат секој понеделник врз основа на тековна залиха, се одобруваат со потпис од директорите, но не постои писмен допис кој ги одобрува измените на лековите и количините за нарачка“, се истакнува во соопштението од оваа партија.
Додаваат дека иако се менувани нарачки без писмена согласност, никој од Клиниката, ниту од Министерството за здравство не презел мерки против омилената веледеогерија на власта.
„Сето ова немаше да се случи, ако власта го користеше КАТО системот кој во целост ја елеминираше можноста за злоупотреби на терапиите за болните од рак. Власта свесно не го користеше КАТО системот, иако знаеше за неговото постоење. Одговорност мора да има“, се потенцира во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Eвропскиот фронт предводен од ДУИ со декларација ќе се жали до меѓународната заедница
Европскиот фронт преводен од ДУИ денеска во Тетово усвои декларација која ја нарече политичка декларација за етничкиот легитимитет што произлегува од изборите.
Од тука најавија дека декларацијата ќе биде испратена до сите локални и меѓународни институции.
Во неа се наведува дека случувањата по изборите го доведуваат во прашање духот на Охридскиот договор. Велат дека непочитувањето на изборниот легитимитет овозможува воспоставување на етничка хегемонија и претставува понижување кон Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и другите.
ВМРО-ДПМНЕ која извои апсолутна победа на изборите во мај, ги исклучи ДУИ од преговорите за новиот владин состав. Наместо нив ВМРО-ДПМНЕ договори коалиција со „Влен“ во која учествуваат политичките партии од албанскиот опозициски блок во земјата. ДУИ која освои повеќе гласови од „Влен“, инсистира на влез во Владата и почитување на правилото „победник со победник“, а ВМРО-ДПМНЕ постојано ги потсетува дека ова правило самите го прекршија во 2016 година кога наместо со нив кои тогаш победија, одлучија да коалицираат со СДСМ и заедно составија Влада. ДУИ сега тврди дека волјата на албанските гласачи е погазена, а Охридскиот договор е прекршен.
„Ако одењето на ДУИ во опозиција е кршење на Рамковниот договор, тогаш и Али Ахмети го прекрши кога реши да ја изостави ВМРО-ДПМНЕ од владата и не го почитуваше резултатот на изборите 2016 година каде победи ВМРО-ДПМНЕ. Што само значи дека почитувањето на Охридскиот договор нема врска со фактот дали ДУИ е власт или опозиција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата на Христијан Мицкоски пред неколку дена порача дека ако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, мисли дека нови и антидржавни етнички барања преточени во документи и платформи ќе го спасат од одење во опозиција и ќе ги сокријат криминалите на неговата партија, треба да знае само дека тоа забрзано ќе му ја заврши кариерата.
И новоизбраниот претседател на Собранието од Влен, Африм Гаши вели дека Охридскиот рамковен договор не е прекршен.
„На секој човек кој ги знае Рамковниот договор и Уставот, јасно му е дека тоа воопшто не е дел од Рамковниот договор“, вели Гаши.
„Можеби тој заборавил, тоа било „Мајскиот договор“ кој го потпишал со Никола Груевски и кој самиот го прекрши, но таквиот договор никогаш не беше дел од Уставот и не стана и не може да има таков договор во Уставот, затоа што се коси со секое демократско право. Владата се прави со 61 пратеници, со мнозинство, а од друга страна албанската коалиција, Влен доби 107.000 гласови со што потполно го носи легитимитетот на Албанците во ова Собрание“, рече Гаши во интервју за Радио Слободна Европа.
ДУИ во декларацијата до меѓународната заедница ја истакна и нивната целосна посветеност за целосно спроведување на Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство и затворање на сите отворени прашања со соседите, како предуслов за продолжување на европскиот пат.
(Обновено)
Македонија
Сиљановска Давкова ги врачи наградите за најуспешните на годинашното издание на „Охрид трчаТ“
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска, во Охрид, ги врачи наградите за најдобро пласираните учесници на осмото издание на атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“.
Милјана Ристиќ од Македонија во женска и Дарио Ивановски од Македонија во машка конкуренција, се првопласирани на главната трка на 21 километар, а Мирослав Спасов од Бугарија го освои првото место на трката на 5 километри.
Претседателката изрази задоволство од високиот потенцијал и посветеност на годинашните натпреварувачи, кои што несомнено ќе придонесат за нивните идни значајни маратонски подвизи. Особена благодарност упати и до организаторите на годинашниот Охрид трчаТ“, за успешно реализираниот атлетски викенд, со рекордни 2200 учесници од 31 земја.
Македонија
Деспотовски: Оние кои ќе изгубат на изборот за претседател на СДСМ да се обврзат дека нема да прифаќаат функции
Јован Деспотовски кој ја објави својата кандидатура за претседател на СДСМ, предлага секој од кандитатите кој нема да биде избран, да се обврзе дека нема да прифати ниту една друга партиска функција на централно, ниту на локално ниво.
Неприфаќањето се однесува и за позиции во институциите каде партијата назначува свои членови. Тој ги повика сите претседателски кандидати да ја покажат својата посветеност на фер игра и интегритет со потпишување на оваа изјава.
Според него, учеството во трката за претседател на СДСМ не смее да се гледа како шанса за стекнување на капитал, што потоа ќе се „пазари“ за подобра позиција во партијата.
Деспотовски додава дека претседателот на СДСМ мора да биде одговорен кон членовите, а не кон различни структури и лоби групи.
„Верувам дека само со вакви конкретни и искрени постапки ќе покажеме дека навистина сме ја разбрале пораката и можеме да ја реформираме нашата партија и да поставиме нов стандард за политичко однесување“, рече Деспотовски.
Партискиот тим, како што додава, мора да биде поставен по вертикала од членовите бидејќи секоја внатрепартиски натпревар значи успех и движење по скалило, а не возење по хоризонтален пат.