Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Кацарска постапува по насока на СДСМ и бара укинување на 7.000 денари за пензионерите
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска остро реагираа на однесувањето на уставната судијка Добрила Кацарска, обвинувајќи ја дека постапува по насока на СДСМ и дека со предметот поднесен до Уставниот суд се загрозува зголемувањето од 7.000 денари за пензионерите. Ставовите партијата ги изнесе на прес-конференција преку портпаролот Валентин Манасиевски.
Според Манасиевски, Кацарска „го загубила кредибилитетот пред граѓаните“ и продолжила да работи во партиски интерес. Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат на нејзините претходни одлуки и обвинуваат дека судијката „наместо да ја врати довербата, повторно одработува за СДСМ“.
Во реакцијата се наведува дека „контаминираното судство“, како што го нарекува партијата, од една страна бара повисоки плати, а од друга страна донесува одлуки што, според ВМРО-ДПМНЕ, можат да им нанесат штета на пензионерите. Посочуваат дека станува збор за „мал дел од системот“, но дека токму овие случаи ја нарушуваат довербата на јавноста.
Партијата повторно побара темелни реформи во судството и обвинителството, со цел, како што велат, да се зајакне интегритетот на институциите и да се создадат услови чесните судии и обвинители да дојдат до израз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Кејот на Вардар ќе добие нов лик
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вчера вечер, преку социјалните мрежи порача дека кејот на Вардар ќе добие нов лик.
Тој заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, изврши обиколка на кејот на реката Вардар.
„Од утре официјално започнуваме со реконструкција на спортските терени, со што овој простор ќе прерасне во современ спортско-рекреативен центар отворен за сите генерации.
Кејот ќе добие нови и целосно реконструирани терени за фудбал, одбојка и баскет, нова урбана опрема, како и модерни фитнес зони на отворено, достапни за секој граѓанин.
Со проектот се опфатени и спортските терени во Маџир Маало, кои исто така ќе бидат унапредени и ставени во функција на заедницата“, напиша Ѓорѓиевски.
Македонија
Претпладне претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта врнежи од дожд и снег
Претпладне претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од слаб снег. Во петок и недела ќе преовладува претежно облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а во сабота и понеделник ќе биде променливо облачно.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф 80 мм на улицата Мирослав Крлежа бр.54, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Мирослав Крлежа во општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.

