Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски и СДС се патрони на криминалот
„Ковачевски и СДС се патроните на криминалот во Македонија. Секој ден со власта на Ковачевски и СДС гледаме милионски афери и скандали и никаква реакција ниту санкција“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија се со став дека „како да се борат против корупцијата и криминалот кога тие самите го продуцираат. Како да има одговорност кога тие ги поставуваат оние кои треба да ги гонат. Помина една недела од аферата со компанијата за производство за струја во која сопругата на Ковачевски има удел заедно со сопругата на директорот на Катастар и заедно со кумот. Молчат од обвинителство, молчат од Антикорупциска. За нив нема ништо спорно во тоа сопругот да креира енергетски стратегии, а сопругата да влегува во енергетскиот бизнис“.
„Ова е само еден од стотиците афери за кои институциите не превземаат ништо. Глуви се и слепи и за аферата Броило, и за аферата Тајни имоти, и за аферата со Хациендата на Славјанка, и за аферата со РЕК, и за аферата со препродажба на лекови, и за аферата со Академијата за обвинители и многу други примери на злоупотреби и кршење на законот. Со Ковачевски и СДС нема борба против криминалот и корупцијата. Македонија со нив ќе тоне а нивните џебови ќе се полнат. Решението се избори и менување на оваа криминогена власт“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне
Времето утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а нови локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во петок и во деновите од викендот.
Македонија
Петрушевска – Русопулос: Oстануваме посветени во исполнување на заедничката цел, членството во ЕУ
Шефицата на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Марија Петрушевска, и членовите: Бисера Костадиновска-Стојчевска, Сања Лукаревска и Беким Ќоку, денеска остварија средба со Теодорос Русопулос, претседателот на ПССЕ.
Петрушевска изрази чест и задоволство од посетата на Русопулос, особено во време кога ја прославуваме 30-годишнината од нашето членство во Советот на Европа, процес преку кој во 1995 година започна европската интеграција на нашата држава.
Таа истакна дека ние остануваме посветени во исполнување на нашата стратешка и заедничка цел – членството во ЕУ, бидејќи европската интеграција е повеќе од индивидуално членство, таа значи интеграција на нашите вредности и цели, обединети под паролата „заедно постоиме, но отуѓени се распаѓаме“.
Со цел поголема видливост на работата на Советот, претседателот на ПССЕ, Русопулос, ја сподели иницијативата која е веќе упатена до земјите членки, барање до министерствата за образование за воведување на еден час годишно во училиштата за запознавање и приближување на работата на Советот, што беше поздравено и од македонска страна. Исто така, соговорниците разменија мислења во однос на руско-украинската војна, каде што Петрушевска посочи дека е особено горда бидејќи бевме прв парламент кој ја усвои Резолуцијата за осуда на руската агресија врз Украина, и како држава сме целосно инволвирани во воена и хуманитарна поддршка на Украина.
Присутните беа согласни дека досега се остварени значајни резултати во почитувањето на човековите права и слободи, како и во доследна примена на принципите, целите и високи стандарди на оваа организација.
Во рамки на својата официјална посета Русопулос, оставри средба и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, по што следеше и обраќање пред пратениците на 69. собраниска седница.
Македонија
Во првиот круг од локалните избори не се констатирани прекршувања на Изборниот законик од страна на радиодифузерите
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го објави Извештајот од изборното медиумско претставување во првиот круг од Локалните избори 2025 година, за периодот од 29 септември до 17 октомври 2025 година.
Мониторингот опфати 11 национални програмски сервиси – МРТ 1; МРТ 2; Собранискиот Канал на МРТ; ТВ Алсат-М; ТВ Алфа; ТВ Канал 5; ТВ Сител; ТВ Телма; ТВ 24 Вести; ТВ Компани 21-М и ТВ Шења при што фокусот на анализата беше ставен врз облиците на изборно медиумско претставување. За другите програмски сервиси се постапуваше врз основа на претставки.
„За Локалните избори, имаше дури 153 учесници во изборите и се покажа дека секој нареден изборен процес станува се потешко, па дури и невозможно, целосно да се исполнат принципите на еднаквост и пропорционалност во известувањето зашто и времето во вестите е ограничено, и техничките и кадровските капацитети, дури и на најголемите телевизиски куќи не се толку големи за медиумски да ги покријат сите кандидати“, велат од АВМУ.
За време на изборната кампања во првиот круг од Локалните избори не беа констатирани прекршувања на Изборниот законик од страна на радиодифузерите. Прекршувања беа констатирани само за време на изборниот молк од страна на 4 радиодифузери.
Во однос на балансот во дневноинформативните емисии (ТВ дневник/вести), сите анализирани медиуми генерално известуваа неутрално за учесниците во изборите.
Десет телевизиски програмски сервиси емитуваа интервјуа со учесниците во изборната кампања. ТВ Алсат-М и ТВ Сител интервјуата ги емитуваа во дневноинформативните емисии, со тоа што Сител, освен 10-те интервјуа на изборни теми во вестите, емитуваше и 13 интервјуа во други емисии. Најмногу интервјуа емитуваа ТВ Алсат-М (вкупно 30), ТВ Алфа (29), МРТ 1 (28), ТВ Сител (23), ТВ Телма (15), ТВ Шења (13) и ТВ 24 Вести (12). Освен ТВ Сител, сите други анализирани телевизии емитуваа дебати. Најмногу дебати имаше на ТВ 24 Вести (24) и на ТВ Телма (24), по што следуваат МРТ 1 (17), ТВ Канал 5 (13) и МРТ 2 (11).
Јавниот радиодифузен сервис и националните телевизии што емитуваа платено политичко рекламирање, ја исполнија законската обврска да информираат на начин прилагоден за лицата со сетилна попреченост преку – едно издание на вестите секој ден и едно издание на актуелноинформативна емисија неделно.
МРТ 1, МРТ 2 и Собранискиот сервис ја исполнија обврската од Изборниот законик и на кандидатите им понудија можност за бесплатно политичко претставување. Извештајот од изборното медиумско претставување во првиот круг од Локалните избори 2025 година е достапен на веб страницата на АВМУ на линкот.

