Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски на 18 август свесно ги лажел пратениците дека нема да има нови барања од Бугарија, Османи го разоткри и го исфрли на чистина

Бујар Османи ги потврди ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања во однос на Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Османи, според нив, ја кажал вистината и со тоа го исфрлил на чистина Ковачевски кој со месеци лажеше.
„Ковачевски пред само месец дена кога ја гласаа иницијативата за уставни измени кажа – Нови барања нема, билатералните прашања не се пречка во понатамошното исполнување на условите за влез во ЕУ и ново вето нема да има. „Тоа е вистината“.
Османи со кажувањето на вистината е дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања, потврди дека Ковачевски на 18 август од Собранието на Република Македонија свесно лажел“, се истакнува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, Ковачевски на 18 август свесно сакал да ги донесе сопствените пратениците во заблуда, со лаги и конструкции.
„Нема потреба од нови објаснувања и толкувања, се е кристално јасно, самата влада е свесна дека турка бугарски диктат, и дека бугарските барања никогаш нема да исчезнат. Затоа се потребни промени“, потенцираат од партијата на Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.