Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски не знаел за криминалот на Мерко, а знае ли дека внукот на Ахмети ја купил „Соравија“ а братот на Груби дуќанот на улица „Македонија“
Димитар Ковачевски лаже дека не знаел за криминалот и вмешаноста на Рамиз Мерко во судските процеси, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС е во коалиција со ДУИ и сите одлуки и криминал го прават заедно. Не можел Мерко сам без поддршка од Ахмети и Ковачевски да влијае на судските процеси, да злоупотребува и да вршел значителна корупција како што нотираат од Стејт Департментот.
Ковачевски не знаел за Рамиз Мерко, а знае ли Ковачевски за бизнис центарот Соравија кој го купил внукот на Али Ахмети и за братот на Артан Груби и дуќанот на улица Македонија?
За овој скандал мора да одговараат сите лица кои се директно и индиректно инволвирани. Институциите знаат за криминалот и корупцијата на СДС и ДУИ и наместо да молчат и да го прикриваат, мора веднаш да реагираат“ порачаа од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Митева: Обидот на Жерновски да конструира наратив за „скандал“ e класичен пример на политичка дезориентација
Обидот на Жерновски да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентацијаи дефокус од суштинските прашања вели портпаролката на Владата, Марија Митева, по обвинувањата на Андреј Жерновски од СДСМ дека таа признала дека Мицкоски управува во судството.
„Со жалење ја следам паничната и хистерична реакција на Жерновски и СДС. Интегритетот на Жерновски во македонската политика, кој смени едно чудо партии, е еднаков на една стара витрина со пајажина, заборавена и надмината со времето. Го ставија во партиски тела за да се натпреварува кој ќе фрли повеќе кал, тоа е спорт омилен за мал дел од политичката елита на СДС. Обидот да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентација и дефокус од суштинските прашања. Кога аргументите изостануваат, остануваат инсинуациите. Кога немаат одговори, продуцираат магла“, напиша Митева на социјалните мрежи.
Таа вели дека секогаш стои на кажаното и дека фактите зборуваат дека станува збор за решение донесено пред речиси три месеци, со кое тужбата на Жерновски е отфрлена, а барањето за надомест на штета е одбиено како неосновано.
„Тоа е правната реалност. Сè друго е свесна манипулација со јавноста. За разлика од СДС, ниту некогаш сум манипулирала, ниту ќе манипулирам со граѓаните. Мојот збор има тежина и е прашање на кредибилитет и личен интегритет. Токму затоа е очигледно дека ваквиот тотално паничен настап произлегува од страв, страв од одговорност, страв од вистината и страв од прашањата на кои сè уште немаат одговор. Наместо да фабрикуваат конструкции, нека одговорат каде води случајот со 40 тони марихуана, кој сè бил вклучен. И уште низа други одговори за криминал и корупција кои како печурки после дожд секојдневно излегуваат. Јавноста заслужува одговори, а не политички театар“, вели Митева.
Според неа, нападите дека некој „управува“ со судовите потекнуваат од нивната долгогодишна пракса на такво практицирање, тоа време заврши.
„Јас нема да учествувам во нивната игра на креирање лажни скандали. Ќе продолжиме да инсистираме на владеење на правото, институционална одговорност и целосна транспарентност. Граѓаните гледаат кој нуди факти. Политиката мора да се води со интегритет, а не со конструкции и лаги“, вели Митева.
Македонија
СДСМ: Извештајот на Вајц е нова потврда дека власта ја турка Македонија во изолација
Извештајот на известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајс, е уште потврда на она што СДСМ со месеци го говори: Македонија е заглавена, реформи нема, процесот на пристапување кон ЕУ е сопрен, власта ја турка земјата во изолација, велат од СДСМ.
„„Процесот на пристапување е сопрен“ ова не е оценка на опозицијата, туку официјален став од овој извештај. Во документот јасно се наведува дека нема напредокот во владеењето на правото, правосудните реформи и борбата против корупцијата. Пораката од Брисел е јасна: проширувањето може да се забрза, но само ако има вистински реформи и владеење на правото. Со владата на Мицкоски Македонија денес нема ниту едното ниту другото. Корупцијата и криминалот цветаат, секојдневно сме сведоци на криминални тендери. 161 тендер за една фрима, 51 тендер преку општините за друга фирма, 74 тендери за трета, 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, тендер 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта. 57 дена поминаа а Обвинителството и ДКСК молчат и не преземаат ништо“, велат од СДСМ.
Според опозицијата, портпаролката на Владата, Марија Митева, потврдила дека Мицкоски управува со судовите со јавно изнесување информации од судски процес кој се уште трае.
„Мицкоски си поставува судии и обвинители под негова контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет, сега советник на Мицкоски во Уставниот суд. Се носат закони за правосудство кои не е во согласност со препораките на ЕУ. Наместо реформи Владата намерно отвора кавги со соседите, за да ја оправда изолацијата и да ги блокира преговорите. Води анти ЕУ кампања со обвинувања дека Европа е виновна. Високи 71% од граѓаните даваат поддршката за членство во ЕУ што значи дека политиката на изолација на ВМРО оди против волјата на народот“, се наведува во соопштението.
Македонија
Сиљановска – Давкова: Имаме најмало и најстаро владино авионче во регионот, секогаш имам дилема дали да летам со него
Претседателката, Гордана Сиљановска – Давкова, призна дека секогаш има дилема кога треба да се вози со владиниот авион затоа што е стар 25 години. Таа, исто така, вели дека имаме најстаро и најмало владино авионче во регионот.
„Што можам да кажам? Ајде, да ве насмеам. Владиното авионче моите колеги претседатели во регионот го нарекуваат авиончето на браќата Рајт, бидејќи е најмало и најстаро. Јас можам да кажам за мене, употребата на владиното авионче понекогаш овозможува функционално извршување на државната работа, ама и поевтина од користењето на комерцијални летови. Е сега, не е многу пријатно, и самата секогаш кажувам дека секогаш имам дилема кога немам друг избор, бидејќи знам дека е старо 25 години, а и купено е на старо“, одговори Сиљановска -Давкова на новинарско прашање.
Таа смета дека е многу порационално и поевтино да се има поголемо, како што кажа, авионче од нашето.
„Моите колеги претседатели велат дека е многу порационално и поевтино да се има поголемо авионче од нашето најмало авионче, бидејќи тогаш со еден лет ќе може повеќемина да одат и да се вратат кога сакаат, а ми замеруваат, а знам дека тоа е мој голем хендикеп, што со нас нема новинари. Со нив понекогаш доаѓаат и новинари“, рече Сиљановска – Давкова.

