Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Лага е сѐ што СДСМ вети пред изборите, време е да се стави крај на криминалните политики
Една година СДСМ, една година лаги и манипулации. Државата е во заложништво на Заев и неговиот картел, велат денеска во соопштение од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму додаваат дека на протестот одржан во саботата граѓаните одлучно и решително излегле и се спротивставиле на криминалите на оваа власт предводена од Зоран Заев.
„Пораката што ја испратија граѓаните беше повеќе од јасна. Доста беше уривање на достоинството и продажба на државните и националните интереси. Граѓаните гласно кажаа „не“ за злоупотребата на институциите, нарачаните политички прогони, економската стагнација, осиромашувањето од страна на картелот на власт“, се наведува во партиското соопштение.
Оттаму истакнуваат и дека лага е сè што ветувале од СДСМ пред изборите.
„Нема 500 евра плата, нема 100.000 денари плата за лекарите, нема поврат на 15 отсто ДДВ, нема социјална помош од 12.000 денари, бесплатно болничко лекување и нема 600 километри нов автопат и 550 километри магистрални патишта. Една година се на власт, а ништо не успеаја да направат. Единствено што го направија е тоа што го зголемија јавниот долг над 5 милијарди евра, а ја зголемија и акцизата на дизелот со што граѓаните дополнително осиромашуваат“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат и дека Република Македонија нема иднина додека е СДСМ на власт.
„Државата мора да се врати на вистинскиот пат. Граѓаните заслужуваат просперитетна иднина, квалитетен живот и сигурна и безбедна иднина за нив и за нивните деца. Време е да се стави крај на криминалните политики на Зоран Заев и картелот. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори заедно со претседателските, техничка влада 100 дена пред избори и претседател на ДИК по предлог на опозицијата. Само така ќе се создадат еднакви услови за фер избори“, стои во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитриевски: ЗНАМ вечерва испиша историја
Максим Димитриевски и посака успешен мандат на Гордана Силјановска Давкова.
„Да ја води Македонија во правилна насока, да биде тука за граѓаните, бидејќи нашата борба е и ќе биде за граѓаните. Воедно да честитам на ВМРО-ДПМНЕ за убедливата победа. Верувам дека овие избори ќе бидат дополнителна поука за сите останати политички субјекти кои гравитираа досега на политичката сцена. За нас од ЗНАМ гордо можам да потврдам дека ЗНАМ од вечерва ја започнува својата борба за достоинствена Македонија. ЗНАМ вечерва испиша историја. Ние потвдивме минимум пратеничка група и некаде околу 60 илјади гласови“, кажа Димитриевски и се заблагодари на граѓаните кои што излегоа на изборите.
„Од денеска продолжуваме како што ветувавме во предизборната кампања, согласно нашите определби, програмски и сето што беше ветено пред граѓаните. Ние сме партија формирана од граѓаните, ќе бидеме со граѓаните и ќе работиме за граѓаните“, додаде Димитриевски.
Македонија
(Видео) Силјановска: Ќе бидам претседателка на сите граѓани, не е време за поделби и триумфализам
Тврдам дека, од овој момент, ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани, на сите етнички групи, партии, оние кои не се во партиите. Нема да заборавам на разноликоста, изјави Гордана Силјановска Давкова во првото обраќање по победата на претседателските избори.
„Не е време за поделби и фалби, триумфализам. Не можете во политиката со емоции, мора рационално. Ќе направам се’ за да ги бранам државните и националните интереси“, рече Давкова.
Силјановска истакна дека за време на кампањата го зборувала она што го мисли, се посветила на целта, а наградата за неа е непроценлива.
„Не сум ги убедувала граѓаните дека сум најдобриот избор, најумна, оставив изборот да го направат тие. Мислам дека направија вистински избор. Има ли поголема инспирација од тоа жена да стане претседател. Со мене, кога ќе се опкружам со жени сличнин на мене, свои, стамени, кои умеат да изразат став на свој начин, тоа е некаков голем исчекор, тоа е за мене реформски чекор“, рече Давкова.
Според неа, да се повика на бојкот на изборите е партиски и политички притисок. Како што рече, немала многу време да го следи говорот на нејзиниот опонент Стево Пендаровски, но фатила неколку инсерти, и смета дека критиката на бојкотот на ДУИ и на обидот да се киднапира избирачкото право, да се одземе нивното избирачко право или да се диригира е добра констатација.
Давкова изјави дека не се согласува со тезата дека гласовите ги добила поради национализам, напротив, вели таа, во тимот имала Албанци, Турци, Роми и ќе ги вклучи во кабинетот. Тоа се луѓе кои зад себе имаат образование и докторати и тоа за неа е суштинскиот елемент, а потоа е припадноста.
Силјановска изјави дека не знае дали противкандидатот Пендаровски ѝ честитал победа, бидејќи си го заборавила мобилниот телефон дома.
Според резултатите од Државната изборна комисија од 80,37 отсто од преброените гласови, Силјановска-Давкова освои 439.614 гласови или 64,83 отсто, а Пендаровски освои 198.288 или 29,24 проценти од гласовите.
Македонија
(Видео) Ковачевски му честита на Мицкоски: Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на прес-конференција ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски и изборот на Гордана Силјановска Давкова како иден претседател.
Тој се заблагодари на Стево Пендаровски и поддржувачите на СДСМ.
„СДСМ повторно покажа државотворност и одговорност по стоти пат. Најлесно беше по толку лажни обвинувања и напади на ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизираме нашето членство за гласање на претседателските избори. Не паднавме во таа замка. Покажавме дека Македонија ни е поважна, секогаш ќе биде така. Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати“, рече Ковачевски.
– Не сакам да носам избрзани заклучоци и да посочувам виновници, додаде Ковачевски и кажа дека тој и партиското раководство имаат одговорност, сите именувани и избрани функционери, како и сите партиски функционери на локално ниво и на централно ниво.
Тој повика на нови внатрешни избори на сите партиски тела и на централно и на локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата, раководството, претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата.