Македонија
Усвоениот Закон за странците има слабости што треба да се отстранат, велат од Здружението на млади правници
Македонското здружение на млади правници (МЗМП) информира дека на 5 јуни стапил во сила Законот за странците, кој ќе започне да се применува по една година. Како што појаснуваат оттаму, Законот ги уредува условите за влез, напуштање и престој на странците во Република Македонија, како и нивните права и должности, а најголемата промена е тоа што со Законот се предвидува можност за добивање постојан престој на лицата што по распадот на СФРЈ останале без државјанство, а живеат во Македонија, каде што имаат оформено трајни и нераскинливи врски, со што овие лица последователно ќе бидат во можност да се стекнат со македонско државјанство.
Сепак, од МЗМП изразуваат загриженост што во подготовката на предлог-текстот на Законот не биле вклучени сите релевантни актери.
„Тој не беше достапен на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, спротивно на Деловникот на Владата на РМ, поради што беше исклучена можноста на заинтересираните страни да достават свои мислења и предлози, а не беа вклучени ниту претставниците на граѓанскиот сектор што работат во оваа област“, забележуваат од МЗМП, од каде што се загрижени и поради тоа што во дел од новите законски одредби постои недореченост и непрецизност, па дури и колизија со други одредби од Законот.
Велат и дека иако доставиле свои коментари до Комисијата за одбрана и безбедност при Собранието на РМ, сепак тие не биле земени предвид поради што усвоениот Закон сè уште има слабости што треба да се отстранат, особено во однос на регулирањето на разните видови престој и задржувањето на странците во РМ.
Инаку, според Законот, странците што до 8 септември 1991 година биле државјани на СФРЈ и имале законски престој на територијата на Сојузна Република Македонија, а по 8 септември 1991 година продолжиле да престојуваат во државата, како и нивните деца што се на возраст над пет години, може да стекнат право на постојан престој во Македонија ако поднесат барање за одобрување постојан престој во рок од три години од влегување во сила на законот.
„Цениме дека ова е позитивно решение што во голема мера ќе обезбеди решавање на ситуацијата на голем број лица во социјален ризик, кои во државата немаат пристап до здравствена заштита, образование, вработување и други права поради тоа што немаат државјанство на ниту една земја. Сепак, воедно сметаме дека потребно е допрецизирање на оваа нова одредба со цел да не создадат забуни кај лицата што треба да го регулираат престојот на овој начин и дека неопходно е да се превенира можниот ризик од преголема дискреција на службениците што одлучуваат по барањето за престој“, истакнуваат од Македонското здружение на млади правници, од каде што велат и дека од голема важност е што Законот врши делумно усогласување со европското aquis, со цел хармонизација на македонското законодавство во оваа област со правото на ЕУ.
Со денот на започнување на примената на новиот закон ќе престане да важи досегашниот Закон за странците, кој беше донесен во 2006 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алпинистот Здравко Дејановиќ имал здравствени проблеми при искачувањето на врвот Лотце на Хималаите
Македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ кој при искачувањето на врвот Лотце на Хималаите имал проблеми од здравствена природа, е надвор од животна опасност, објави на Фејсбук Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ).
„Во врска со искачувањето на врвот Лотце од страна на Здравко Дејановиќ, ве известуваме дека на барање на неговото семејство, досега не излеговме со официјални информации. Воедно, ве информираме дека во текот на искачувањето се појавиле проблеми од здравствена природа, и дека, во моментов Здравко е надвор од животна опасност. Одржуваме контакт со неговото семејство и во периодот кој следи ќе има повеќе информации директно од Здравко или од нас. Замолуваме за етика и воздржаност од споделување на непотврдени информации. Ви благодариме однапред на разбирањето“, се вели во објавата на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Вчера се појавија неофицијални ФБ објави дека Дејановиќ при искачувањето на Лотце, четврти највисок врв на Хималаите, се здобил со измрзнатини на рацете и со хеликотер бил пренесен во тамошна болница.
Македонија
Силјановска-Давкова телефонски разговарала со Зеленски: украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство
Претседателката Гордана Сиљановска Давковa денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
„Во разговорот со украинскиот претседател Зеленски, Сиљановска Давкова ја нагласи нашата цврста и недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија. Осврнувајќи се на меѓународното право, принципите на Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, претседателката рече дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици.
Двајцата соговорници разменија мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, а со цел да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина“, соопштија од нејзиниот кабинет.
Претседателот Зеленски во текот на разговорот ја поканил претседателката да ја посети Украина, за што тие, како што е појаснето, дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија.
За време на разговорот биле нагласени одличните билатерални односи меѓу двете земји, карактеризирани со идентични вредности, меѓусебна почит и разбирање, силно потврдени со континуираната соработка во сите области од заеднички интерес.
Сиљановска Давкова и Зеленски ја реафирмирале посветеноста од натамошна заемна поддршка во меѓународната дипломатија, во насока на исполнување на европската аспирација на двете држави.
Телефонскиот разговор со Зеленски, Сиљановска Давковa го оствари од Рим, за време на нејзината посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.
Македонија
Таравари уште размислува дали ќе биде министер за здравство: „Можноста не е исклучена, но не е дефинитивна“
Арбен Таравари, еден од партнерите на коалицијата „Влен“, а кој моментно е градоначалник на општина Гостивар, сѐ уште не одлучил дали ќе биде во идната влада како министер.
Тој потврди дека некои од пишувањата на некои медиуми за поделбата на владините ресори и службените места се точни. Според Таравари, конечниот договор меѓу идните владини партнери, „Влен“ и ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно, ќе биде објавен денеска или утре, стои во напишаниот допис.
„Алијансата ќе има двајца министри, вицепремиер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство и двајца заменик-министри, како и двајца државни секретари, и тоа заменик-министер за одбрана и заменик-министер за земјоделство. Државен секретар за здравство и уште еден на кој сега не ми текнува“, изјави Таравари.
Таравари вели дека сѐ уште не се дефинирани имињата на кадрите што ќе бидат назначени на овие позиции.
Запрашан дали ќе биде следниот министер за здравство, тој рече дека не одлучил и сѐ уште размислува дали ќе ја прифати оваа функција. „Не е исклучена можноста, но не е дефинитивна“.
Таравари ги коментира и резултатите од прегласувањето и истакна дека тие воделе на 8 мај и сега, како што рече тој, се во голема предност.
„ДУИ може да ги обжали резултатите, но резултатите се такви. Тоа беше очекувано и сега бранот промени не може да се запре, па ДУИ мора да го прифати резултатот. Граѓаните сега се ослободени, гласаат малку послободно од порано и посакувам ДУИ да ја прифати оваа реалност. Сега ‘Влен’ има еден пратеник повеќе, ДУИ еден помалку“, изјави Таравари.