Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Лицата што се синоним за правосудството во Македонија се познати само по извршување на желбите на СДС и ДУИ
Корупцијата и криминалот или неказнивоста на овие дела е најголемата пречка за развојот на Македонија, како и најголема пречка за застој на патот кон ЕУ.
Токму корупцијата и криминалот, или неказнивоста на истите е причина за недовербата во судството, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Причина за недоверба се многуте амнестирани криминални активности, именување на високи функции во правосудството на лица блиски до СДС и ДУИ, поточно на нивни извршители.
Кон крајот на 2020 година беше изборот на Добрила Кацарска за судија во Уставниот суд, а веќе во мај 2021 година беше избрана за прв човек на уставниот судија. Кацарска и веќе поранешната обвинителка Вилма Русковска се синоним за пристрасност во судството.
Прв човек на Судскиот совет е повторно Весна Дамева. Дамева е судија која самата за себе вели дека е симпатизер на СДСМ.
Првиот човек на Обвинителството за гонење на организиран криминал Ислам Абази е човек кој за Али Ахмети вели дека го знаел од видување, а сликан е со него во домашна атмосфера. За Абази повеќе се зборуваше при неговиот избор отколку потоа, а неговиот мандат по изборот на крајот на 2022 година изминува само со неколку соопштенија и тоа е во период кога Македонија добива низа на забелешки од меѓународниот фактор за состојбата со корупција во државава.
Власта предводена од СДС и ДУИ ги истурка и измените на Казнениот законик за кои холандскиот амбасадор рече дека со нив се обезбедува неказнивост на многу високи функционери и се отфрлаат многу случаи поврзани со корупција.
Ова се дел од лицата кои се синоним за судството во Македонија, а кои се познати по извршување на желбите на СДС и ДУИ.
Власта предводена од СДС и ДУИ целосно го уништи судството, а довербата во правосудниот систем никогаш не била помала или е само околу два проценти што е во рамки на статистичка грешка.
Граѓаните за седум години владеење на СДС и ДУИ од премиерите Зоран Заев и актуелниот Димитар Ковачевски слушаа само „го отворив судството како пупка“, „јас како премиер и Владата ниту сме се мешале, ниту ќе се мешаме во судството“.
Состојбата во правосудниот систем во Македонија никогаш не била полоша. Важно е да ги поразиме“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пожарникарите извлекоа паднат човек во реката Драгор
Регионалниот ЦУК Битола информира дека пожарникарите од ТППЕ Битола од 18.45 до 19.35 часот, со четири пожарникари и едно противпожарно возило интервенирале на извлекување паднат човек во река Драгор кај месноста „Сали Мост“.
Паднатото лице не било повредено.
Од ЦУК апелираат за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени, да се избегнува движење во засеци во природата, суводолици и многу блиску до речни корита… и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења: да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја, внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови.
Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи локално во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 16, а максималната ќе достигне од 22 до 27 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 26 степени.
До среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со засилен ветер, обилен пороен дожд за кратко време и изолирана појава на град. Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Скопје
Делови од три скопски општини денеска без струја
Според добиеното известување од ЕВН Македонија, Регионалниот центар за управување со кризи информира дека поради реконструкција денеска без снабдување со електрична енергија ќе останат делови од три скопски општини.
Во периодот од 09:00 до 15:00 часот без напојување ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром.
Во периодот од 10:30 до 14:30 часот без напојување ќе останат корисниците дел од улица 16, на патот кон Визбегово во општина Карпош.
Во периодот од 13:00 до 14:30 часот без напојување ќе останат објектите на градинката Росица, на улица Мечкин Камен, број 45А. во општина Ѓорче Петров.