Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Македонија е на дното на Европа, само бизнисите на Заеви се на врвот

Република Македонија тоне со СДСМ на власт. Со раст на БДП од 0,1 отсто и пад на градежништво од 37 отсто се покажува и докажува дека државата само се задолжува, а ништо не се работи, особено на инфраструктурен план. За ваквата неработа и уназадување на државата СДСМ треба да одговара, а не да си игра со интелегенцијата на луѓето за наводни проблеми на некој проект, па да се испере за својата неспособност и фијаското на инвестиционен план, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, сите тековни предизвици што се појавуваат во време на изградба се надминуваат со вредна работа и посветеност, но, за жал, на СДСМ овие зборови му се непознати и не го разбира нивното значење. Целата економија е во пад, само бизнисите на Евро Заев се зголемуваат. За една година СДСМ, Република Македонија е на дното на Европа, само бизнисите на Заеви се на врвот.
„Народот веќе не ви верува и едноставно ви порачува дека веќе вашите лаги не поминуваат. Целата бизнис-заедница е во грч и се жалат од вашите лажни ветување и ви порачуваат дека вашите лаги не поминуваат, стопанството се жали од вашите интриги и гласно ви викаат дека не поминуваат вашите празни зборови. За жал, Македонија и стопанството страдаат од најнеспособната влада во Европа, која нема ниту еден свој капитален проект ниту, пак, визија како да се избегне ова фијаско за сите граѓани“, се вели во соопштението.
Според опозицијата, СДСМ, наместо да се жали и измислува разни изговори, треба да почне да работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чекање до 45 минути на Табановце и Пелинце, а на Богородица околу 30 минути

Со зголемувањето на летните одмори и интензивните туристички патувања, на македонските гранични премини повторно се бележат големи гужви. Најголемиот притисок се чувствува на ГП Табановце и ГП Пелинце, каде времето на чекање изнесува околу 45 минути, додека на ГП Богородица возачите чекаат околу 30 минути за излез од државата.
На останатите гранични премини засега нема подолги задржувања за влез и излез од земјава, но надлежните предупредуваат дека состојбата може брзо да се промени со оглед на високата фреквенција на сообраќај.
Од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози, но апелираат до возачите на зголемена претпазливост, особено во критичните делници низ планински и речни региони.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на движење според условите на патот и да ја почитуваат поставената сигнализација. Особено внимание е потребно на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од одрони“, изјавија од АМСМ.
Најмногу возила има од и кон Србија и Грција, а засилено движење се очекува и во текот на викендот, кога се очекува нов бран на заминувања и враќања од одмор.
Македонија
Денес сончево и топло, попладне дожд

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне претежно во северните делови ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Кон крајот на денот ветерот ќе го промени правецот во северен. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и топло, попладне со умерен развој на нестабилна облачност. Во делови од котлината ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен, а кон крајот на денот од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 22, а максималната ќе достигне до 38 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од утре ќе настапи позначителна промена на временската состојба. Ќе преовладува променливо облачно, нестабилно и посвежо време со услови за повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни и проследени со грмежи, особено во вторник.
Дневната температура ќе биде во опаѓање и до средината на следната седмица се очекува да опадне за 8 до 10 степени во споредба со денешната.
Македонија
Мицкоски вечерва на Македонскиот фолклорен фестивал во Пустец, Албанија

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва ќе ја посети Општина Пустец, Албанија. Генералниот секретаријат најави дека премиерот ќе се обрати на Македонскиот фолклорен фестивал Преспа кој се огранизира во Пустец, Албанија.
Фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец со почеток во 18 часот. Ќе настапат фолклорни групи и културно-уметнички друштва од Северна Македонија и Мала Преспа, кои ќе ги претстават богатствата на македонското културно наследство.
Настанот се одржува под мотото „Единство, традиција и гордост на едно место“, а го организираат Општина Пустец, македонското друштво „Преспа“, и институции од Албанија и Македонија, со поддршка од Министерството за економија, култура и иновации на Албанија.