Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Наместо да се кити со туѓи перја, Сугарески да ги засука ракавите и да се фати за работа
Крајно време е Горан Сугарески и владата на СДСМ да престане да се кити со туѓи перја и проекти започнати и завршени во времето на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат денеска од опозициската партија.
Оттаму додаваат дека наместо средби со градоначалници и пресови на кои промовира проекти на ВМРО-ДПМНЕ, министерот за транспорт и врски треба, како што велат, да ги засука ракавите и да се фати за работа.
„Бруто домашниот производ во првиот квартал од 2018 има катастрофален раст од 0,1 процент, а за 2017 година растот на БДП изнесуваше 0 проценти. Најголема причина за падот на бруто домашниот производ е падот од 37 проценти во градежништвото, а особено падот во нискоградбата, во која спаѓа изградбата на автопати, патишта регионални и локални патишта. Ова е најдобриот показател дека Сугарески не работи ништо и е еден од клучните виновници за ваквиот поразителен економски резултат“, стои во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека дополнителен показател за неработењето на Сугарески е и катастрофалната реализација на капиталните инвестиции кои за првиот квартал за 2018 изнесуваат очајни 10,9 проценти.
„Сугарески и Заев ветуваа 500 километри автопат, а Заев во повеќе наврати изјави дека во моментот во Македонија се градат 800 километри патна мрежа. Каде се 500 километри автопат кои беа ветени во предизборната програма на СДСМ? Каде се градат 800 километри патишта за кои говори Заев? Бројките покажуваат нешто сосема поинаку, а Зоран Заев повторно лаже“, наведуваат од опозициската партија.
На крајот, во соопштението се констатира дека на Македонија и се потребни нови инфраструктурни проекти и пред се реализација на постојните, а не продавачи на ветер и магла како Горан Сугарески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворени гласачките места, граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и Град Скопје
Денеска во земјава се одржува вториот круг од локалните избори, на кои граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Право на глас имаат 1 013 375 избирачи, од кои 474 304 гласаат и за градоначалник на главниот град.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани 44 градоначалници, а денеска се гласа во Центар, Карпош, Аеродром, Куманово, Кичево, Струга, Тетово, Пробиштип, Кочани, Валандово и други.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот.
Изборниот процес го следат 1 598 набљудувачи – 933 домашни и 651 меѓународен. Државната изборна комисија најави дека првичните резултати ќе ги соопшти вечерва, околу 23 часот.
Вчера гласаа болните лица и затворениците, а гласањето се одвиваше непречено.
Македонија
Сончево време со температура до 23 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има слаба маглa. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 21 степен, јавува УХМР.
Во понеделник попладне, во текот на ноќта и во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за неколку степени. Од среда повторно се очекува стабилно и суво време.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.

