Македонија
ВМРО-ДПМНЕ : Наспроти розовите очила на Заев, граѓаните живеат во јад и чемер
„Измамникот Зоран Заев денес повторно пред Форумот на Жени на СДСМ лажеше. Зоран Заев повторно ветува прогрес, а ги погази достоинството и перспективите на сите во Македонија“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на говорот на премиерот.
„Следниот пат кога Радмила Шекеринска ќе му пишува говор нека спомене барем збор за одговорноста на власта за аферата Леонардо, за тендерите на Анѓушев, за концесиите и марихуаната на кланот Заеви, за торбата Луј Витон со рекетираните милиони.
Во овој говор на Заев не слушнавме ни збор за 500 000 граѓани кои живеат во сиромаштија, за иселувањето на младите, за очајните земјоделци, за пропаднатото здравство, колабираното образование и за тоа што СДСМ направи за надминување на проблемите на граѓаните. Тоа е реалноста со која се соочуваат и жените и мажите и младите и возрасните во Македонија. Наспроти розовите очила на Заев, граѓаните живеат со јадот и чемерот како да го преживеат месецот. Заев може да бега од одговори, но нема да побегне од одговорноста. Одговорноста ќе го стаса како катастрофален пораз на претстојните избори“, се вели во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче од Свети Николе: СДСМ се бори Македонија да биде дом за сите, а не приватен имот на власта

„Нашиот слоган за оваа кампања е „Се бориме за нашиот дом”, и тоа не е случајно,“ нагласи Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Свети Николе.
Тој објасни дека идејата за „дом“ е суштината на социјалдемократската политика, држава што се грижи за сите, а не само за избраните.
„СДСМ секогаш се бореше и ќе се бори Македонија да биде дом за сите, а не приватен имот на власта. Дом во кој секој ќе има свое место, не само блиските на власта. Дом во кој секој труд ќе биде вреднуван, секоја капка пот ќе биде платена, секој човек ќе живее со достоинство,“ порача Филипче.
Во своето обраќање тој остро ја критикуваше политиката на ВМРО-ДПМНЕ, која, како што истакна, создала систем на привилегирани и заборавени.
„Нашата борба не е против никого лично. Нашата борба е против неправдата. Против систем што ја заборави својата мисија – да им служи на луѓето. ВМРО-ДПМНЕ донесе токму такво владеење – власт за себе и своите, услуги за најблиските, а игнорирање на потребите на граѓаните,“ потенцираше лидерот на СДСМ, Филипче.
Филипче порача дека СДСМ останува доследна на своите вредности за еднаквост, правда и подобар живот за сите.
„Да бидеш социјалдемократ не значи само да си дел од партија. Тоа значи да веруваш дека државата е алатка за подобрување на животот на сите, дека парите на граѓаните треба да се вложуваат токму во нив. Да веруваш дека политиката мора да работи за народот, не против него,“ рече Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата во Свети Николе.
Македонија
Филипче од Свети Николе: Борбата за 500 евра минимална плата е за достоинство на секој човек

Вечерва од Свети Николе, каде се одржа граѓанската трибина од караванот „Се бориме за нашиот дом“, Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го коментираше повторното барање на Сојузот на синдикатите за покачување на минималната плата. Тој рече дека тоа не е барање на луксуз туку реална потреба.
„Тоа не е барање од луксуз, тоа е крик на луѓе што живеат со 400 евра месечно, во време кога сметките растат, а кошницата во маркет станува сè полесна. Цела година СДСМ нуди решение, минимална плата од 500 евра, за секој човек што чесно работи да може да живее достоинствено“, рече Филипче.
Притоа тој оцени дека молкот на ВМРО-ДПМНЕ за гласот на синдикатите, народот и амандманите на СДСМ е глас за нивната незаинтересираност за работникот, кој го гледа само како трошок.
„Владата молчи затоа што нивните интереси не се интереси на работникот, туку на големите газди. Молчи затоа што гледаат на работникот како на трошок, не како на човек. За нив, платата е бројка во Excel табела. За нас тоа е побогата вечера за семејството, достоинствена облека за децата, тоа е мир во домот. Борбата за 500 евра минимална плата е борба за достоинство на секој човек“, рече Филипче.
Тој пред граѓаните на Свети Николе потсети дека соседна Албанија веќе ја зголеми минималната плата на 520 евра и дека Србија ги зголемува секој месец. Само Македонија, потенцираше Филипче, стои во место, затоа што власта нема ниту волја, ниту план.
Тој рече дека суштината на борбата на СДСМ не се за празни слогани или за моќ, туку за право на достоинствен живот.
Македонија
Мицкоски: Црвените линии на СДСМ и Венко се нов подарок за Бугарија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Ѓорче Петров во рамки на кампања за локалните избори 2025 истакна дека овие избори се одлука дали ќе одиме напред или ќе се вратиме назад. Со заокружување на бројот 9 на 19 октомври бираме програма и план со кој општините и државата ќе станат современо и убаво место за живеење.
Мицкоски нагласи дека 15 месеци владата ги гради темелите кои претходно СДС и ДУИ 84 месеци ги рушеа и ги упропастуваа.
„Оваа Влада е на позиција и ја има одговорноста пред граѓаните точно една година и три месеци. Во овој период од 15 месеци ги градевме темелите кои претходно 7 години, цели 84 месеци, ги рушеа и целосно ги упропастуваа. Кренавме држава пред банкрот. Кога го слушам Венко Филипче, излегува како тие никогаш да не биле власт во оваа држава. Како да не беше тој најсигурниот министер на кој Зоран Заев се потпираше. Тој денес ни објаснува дека во негово време и во време на неговиот ментор подобро се живеело, и дека тие двајцата се бореле за сопствениот дом, а ние не сме се бореле. Ова е врвно лицемерие. Тоа беше време кога 500 илјади граѓани живееја со само 150 денари дневно. Единствен „подарок“ за животниот стандард беше инфлацијата, која редовно беше двоцифрена и го јадеше стандардот на граѓаните. Се сеќавате ли на скандалите, тендерите во РЕК, фирмите на поединци кои добиваа работа и провизиите што транспарентно ги редеа во свои џебови?“ кажа Мицкоски.
Мицкоски ги потенцира скандалите на СДС и Филипче и истакна дека СДС и ДУИ се грижеа за „нашиот дом“ така што ја клекнаа Македонија на колена.
„Венко сака да ни објасни дека се грижеле за нашиот дом, а пред само 15 месеци, немаше ден без скандал. Предавство по предавство правеа. Се грижеа за „нашиот дом“ така што ја клекнаа Македонија на колена. Прво беше промената на името, потоа договорот за пријателство со Бугарија, со кој ја отворија Пандорината кутија, што денес нè доведе до оваа ситуација до која што сме а потоа следеше прифаќање на оној бугарски ултиматум. Вчера го слушав како се повикува на АСНОМ. А заборава дека тој и неговиот учител, ментор, се поплукаа на АСНОМ тогаш кога кажаа дека нашиот источен сосед за време на втората Светска војна во Македонија биле ослободители, биле администратори а не окупатори. Дека јазикот ни „паднал од небо“ последните децении и дека нема историски континуитет. Не може Венко да се повикува на АСНОМ, а да не се огради од ова. Не може да бидеш од една страна и партизан а од друга страна соработник со окупаторите во Втората светска војна“, нагласи Мицкоски.