Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ на протести во повеќе градови: „Време е Заев да поднесе оставка“
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва со автомобили одржа протести во неколку градови во државата поради ставовите на премиерот Зоран Заев, изнесени во интервјуто за БГНЕС.
Антонијо Милошоски од протестот во Велес порача дека премиерот Зоран Заев дека треба да поднесе оставка и го опиша како „прилично неурамнотежена личност и политичар“.
„Многу граѓани стануваат секој ден посвесни дека со Заев нивниот живот станува потежок. Животот во Македонија станува потежок, понижувањата за Македонија за жал стануваат поголеми и затоа сметаме дека Македонија може да го направи првиот чекор напред и во еконосмка и во здравствена и во национална и во инвестициска смисла и во секоја друга кога Заев ќе падне од власт. И затоа нашата порака е време Заев да си даде оставка за државата да може да исчекори напред без разлика кој и каде политички припаѓа. Треба да се обединиме против еден човек којшто е прилично неурамнотежен и како личност и како политичар и да ја зачуваме Македонија и како држава и да овозможиме да се движи напред“, рече Милошоски.
Потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски вечерва беше на собирот во Куманово, од каде што порача дека никој не смее да тргува со нашиот идентитет, јазикот и кумановците.
„Овде имало многу луѓе што се бореле за Македонија, овде лежат многу коски на многу херои на Костурница, но се разбира и многу борци што се родиле но и поколенија што останале во Куманово и што се гордеат со овој град. Не може некој со изјави макар бил тој премиер на држава да се потсмева. Не може да се заборави секоја една капка крв што паднала во Куманово за борбата против фашистите, против окупаторот , а се разбира било за слободна Македонија. Затоа драго ми е што во Куманово се собираме да направиме протест но ги охрабрувам насекаде во државата, не само општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ туку сите граѓани да ни се приклучат дали со нивните возила, дали на било каков друг начин да посветат малку време да ја покажат нивната пркост бидејќи промените започнуваат од секој еден од нас“, рече Мисајловски.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски од протестот во Охрид порача дека историјата не може да биде прашање за кое што ќе се договараат двајца лидери на две држави, бидејќи не се решава со два потписи.
„Остро се спротивставуваме на договорот со Бугарија и укажуваме дека веднаш треба да се прекине. Суверинитетот на една држава се добива со признавање на другите држави. Ние сме признаена држава, меѓудругите и од Република Бугарија. Ама со добивањето на суверенитетот се добива и внатрешното уредување како да си го направи државата. Ние самите можеме да одлучиме за јазикот, може да одлучиме за историјата, за какви учебници во образование ќе имаме“, рече тој.
Во Кавадарци се обрати Рашела Мизрахи која рече дека Заев треба да знае оти никој нема мандат да ја допира нашата историја, јазикот и нашиот народ.
„Драги пријатели како и вие денеска и јас сакам да живеам во Македонија во која системот на вредности е многу различен од денешниот на Заев. Сакам да живеам во онаа Македонија во која го спознав животот, пријателите, училиштето и учењето, ја осознавав честа, угледот и достоинството, го научив единството и соживотот, во која учев македонската историја Јордан Пиперката , Даме, Питу, Каев, Гоце, Илинден и илинденците, во онаа Македонија која се гордеше на тврдокорните, онаа земја која се гордееше со партизаните, со сите кои за неа го дадоа и животот. Во земја за која од славното Кавадарци, Неготино и за жал денес разурнатото село Праведник излегоа бројни комити, но и партизани. Земја која толку многу ви должи за црнината во која беа вашите баби и мајки, за сите деца и младинци кои во војните ги закопавте. Па јас сум со корен кавадаречки, дел од фамилијата ми живее тука. Мојата баба видете Ризова Трајанка,Злата малата Мавче која по раст е мала, но голема по дела и храброст е баш оттука од Праведник. Мафче и бригадата Добри Даскалов добро му го налплатија секој грев на окупаторот. Мојот прадедо Димо Бошков е оттука, Илинденец, осакатен од Турците за Македонија живееше до 113 години и го закопавме Македонец“, рече Мизрахи.
Во Битола вечерва беше Владимир Ѓорчев, кој пак, рече дека Македонија се буди, се ближи крајот на лошите политики на Заев кои и наштетуваат на земјава.
„Повод за овој протест кој што го имаме во Битола денес е општото огромно незадоволство кое што владее во Македонија од политиките, изјавите и постапките на Зоран Заев. Значи, она што се случува во Македонија е навистина еден изворен и оправдан револт. Македонија никогаш не била попонижена. Македонија никогаш не била поопљачкана. И затоа Македонија се буди. Ова не е само партиски контекст, ова е општонароден контекст, ова се сите луѓе кои што силно, силно ја сакаат и ја љубат Македонија“, изјави Ѓорчев од Битола.
Во Прилеп зборуваше претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Дејан Проданоски, кој рече дека за власта ништо не е свето и таа гази и врз последната гордост на својот народ.
„Еве денеска прашувам од тука, каква е таа администрација која брутално и крвнички погубила 18 мина во масакрот кај Дабница? Од кого биле убиени народните херои Орде Чопела, Кире Гаврилоски, Борка Талески, Мирче Ацев, Кузман Јосифоски Питу, Вера Ацева, Борка Левата… и 650 жртви колку што дал Прилеп во НОБ? Дали според нив загинале залудно борејќи се за своја држава?“, рече Проданоски.
Додаде дека Прилеп е град херој и како таков ќе остане бранител на светите идеали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ избра нови претседатели на повеќе партиски комисии
На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, донесени се одлуки за кадровски освежувања и распишување огласи за раководни позиции во партијата, информира премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку објава на Фејсбук.
Извршниот комитет одлучил да распише огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата биле избрани и нови претседатели на повеќе партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е избран Сашо Клековски, на Кадровата комисија Благоја Ташаминов, на Комисијата за безбедност и одбрана Панче Тошковски, додека за претседател на Комисијата за туризам е избран Аккан Махмут.
За претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е избран Златко Перински.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!“, напиша Мицкоски во објавата.
Македонија
Даниел не се замерил со никого, мотивот најверојатно е пари, рече адвокатот на Кајмакоски кој по киднапирањето е стабилен, но под стрес
Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски, беше киднапиран во Белград ноќта меѓу сабота и недела, а по трауматичниот настан моментално се опоравува, со поддршка од семејството и најблиските.
Неговиот адвокат Бранислав Станишиќ потврди дека Кајмакоски е физички стабилен, но дека последиците од шокот сè уште се присутни.
Како што наведе, истрагата е во тек.
„Истрагата е во тек и таа ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој е психички и физички добро, што во овој момент е најважно за него и за семејството. Оваа ситуација остави, условно кажано, последици од шок, но фала му на Бога, ги надминува“, изјави Станишиќ, пренесоа српските медиуми.
„Ако ме прашате за самиот случај, не можеме да изнесеме премногу информации додека осомничените за извршување на ова гнасно кривично дело не бидат приведени пред правдата, бидејќи потрагата по нив сè уште трае. Во договор со полицијата, во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали. Осомничените го напуштиле местото кај Рума, односно локацијата каде што автомобилот останал запрен по удар во банкина. Оттогаш ја напуштиле таа област и по нив сè уште се трага“, додаде адвокатот.
Тој изјави дека потрагата се движи во насока на лица кои најверојатно се од турско потекло.
„Засега тоа е информацијата со која располагаме. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на некој сличен, а и нивниот изглед упатувал на тоа дека се од некоја таква земја. Не знаеме дали станува збор за мигранти или во каков статус престојувале тука. Со Даниел сум во постојан контакт и реагираме во координација со полицијата“, рече Станишиќ.
Адвокатот нагласи дека Кајмакоски не се замерил со никого и дека немал причина да претпостави дека би можело да му се случи вакво нешто.
„Даниел пред сè е уметник и не е човек кој би можел да препознае знаци дека некој евентуално го следи. Тој лично не забележал ништо. Никогаш никому не му замерил, нема причина некој од лични побуди да посегне по него. Да имало некаков сомнеж, веројатно и самиот би помислил дека нешто вакво може да се случи. Својот работен ангажман го извршува професионално и никогаш не бил дрзок или навредлив кон некого“, изјави Станишиќ.
Тој додаде дека според нивната проценка, мотивот најверојатно бил материјална корист.
„Ова најверојатно е направено со цел стекнување материјална корист. Даниел има доверба во полицијата и убедени сме дека тие професионално ќе си ја завршат работата. Се надеваме дека потрагата по осомничените ќе заврши брзо, бидејќи полицијата е на висина на задачата“, заклучи адвокатот.
Македонија
Четворица заболени од шуга во касарната во Велес, епидемиологот Оранска рече дека болеста е донесена однадвор
Кај четворица слушатели на курсот за професионални војници во велешката касарна е потврдена шуга. Тие се пуштени на домашно лекување и се во стабилна состојба, додека од Армијата велат дека се спроведени здравствени протоколи и дека состојбата на останатите слушатели е под редовен надзор.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, информира дека првиот случај бил регистриран минатиот четврток, по што веднаш бил извршен увид и биле активирани превентивни мерки. Заболеното лице било упатено на специјалистички преглед и домашно лекување, а потоа бил спроведен вонреден здравствен надзор.
Сите присутни војници биле прегледани, при што лицата со кожни промени биле дополнително упатени на специјалист. Останатите се без симптоми и продолжуваат со редовните активности. Оранска посочи дека болеста не потекнува од Армијата и дека, според проценките, е внесена однадвор.
„Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот ќе продолжи секојдневно, имајќи предвид дека инкубацијата на болеста може да трае од 10 дена до шест недели.
Портпаролот на Генералштабот, потполковник Дарко Стерјовски, изјави дека условите во касарната се во согласност со правилниците и ги отфрли наводите за несоодветни услови, вклучително и тврдењата дека нема топла вода. Според него, во објектот има соодветно греење и услови за нормален живот и обука.

