Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема потреба од приемни испити на факултети, СДСМ да не се меша во работата на професорите
Нема потреба од приемни испити на факултети, СДСМ да не се меша во работата на професорите, велат од ВМРО-ДПМНЕ во врска со предлогот на СДСМ да се укине државната матура ова година, а факултетите, каде ќе има голема конкуренција за упис, селекцијата да ја направат преку приемен испит.
„И по месец и половина немаат одлука, туку размисллуваат и повторно прават грешка. Им препорачуваат на факултетите да спроведат приемен испит затоа што ќе имале голем наплив за упис на студенти. Бидејќи немаат идеи и не знаат самите да го решат проблемот, им препорачуваме внимателно да читаат и да слушаат што зборуваме речиси 2 месеци.
Не мора да има приемни испити, не мора, ако учениците се оценат со средна оценка изведена од претходните години, првото полугодие од оваа учебна година и ангажманот за време на далечинското учење“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат од каде е идејата дека повеќето ученици би се одлучиле за факултет, различно од претходните години?
„Тие планираат сите да ги оценат со петки? Па не се тие наставници. Наставниците оценуваат, не СДСМ. Сигурни сме дека наставниците и со намалени плати ќе си ја завршат работата чесно и одговорно. Наместо да им се мешаат на наставниците во работата, подобро е да прават стратегија за тоа што ќе прават во август и септември за децата кои не се опфатени со далечинското учење, што со децата со посебни потреби и што со илјадници студенти кои ќе треба да ја надоместат практична настава, колоквиумите и да полагаат испити“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

