Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нови градинки, училишта, паркови се дел од 1.090-те проекти кои ги почнаа градоначалниците
Нови градинки, училишта, паркови се дел од 1.090-те проекти кои ги започнаа градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во првите 100 дена, велат од опозициската партија преку соопштение.
„100 дена отчет на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, 100 дена промени коишто носат подобра иднина.
Во првите 100 дена реализирани или отпочнати над 1.090 проекти, видливи проекти за добро на сите граѓани во општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ.
Општина Илинден доби ново основно училиште, а во општина Брвеница се реконструираше спортската сала „Коста Рацин“.
Во основните училишта и дел од градинките во општина Аеродром се поставија нови фотоволтаици, со цел заштедување на електричната енергија.
Нови детски градинка се изградија во општина Сопиште, општина Кавадарци, додека во завршна фаза се нови градинки во општина Кочани, општина Василево и општина Битола. Опремени се дел од детските градинки во општините Ѓорче Петров, Бутел, Велес, Свети Николе, Македонска Каменица, Прилеп, Вевчани.
Битолчани конечно ќе добијат современ градски стадион со изградбата на северната трибина.
Во скоро време општините Кавадарци и Велес ќе добијат нови затворени градски пазари.
Изградба на нова прочистителна станица во општина Сопиште за населеното место Ракотинци, додека во Свети Николе се уреди речното корито на Горобинска Река.
Изградени или реконструирани улици во речиси секоја општина во должина од над 100 километри. Општина Штип е општина без кал, нови улици во населените места во Кочани, Виница, Македонска Каменица, Карбинци, Пехчево, Ново Село и други.
Во овие 100 дена откако градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ раководат со општините, се изградија или реконструираа канализациони и водоводни мрежи во Гази Баба, Кисела Вода, Петровец, Велес, Вевчани, Битола, Македонска Каменица и многу други општини
За 100 дена градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ изградија или реконструираа 96 нови игралишта и паркови, а се исчистени над 200 диви депонии.
Додека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ работат и даваат отчет за сработеното, овие денови не видовме ниту еден градоначалник на СДСМ и ДУИ да испадне пред граѓаните и да даде отчет за сработеното. Нема отчет затоа што нема ниту проекти од градоначалниците на СДСМ и ДУИ.
Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека можат и умеат, со нова енергија и план, со посветена работа и визија за подобар живот на сите граѓани“, се наведува во соопштението на опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

