Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Обвинетите за убиствата кај Смилковско Езеро се ослободени зашто тоа го предвидува Тиранската платформа
Картелот на власт на чело со Зоран Заев си поигрува со трагедијата на семејствата на масакрираните момчиња кај Смилковско Езеро и ја манипулира целата јавност, рагираат денеска со соопштение од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Обвинетите се на слобода, исто како што предвидуваше Тиранската платформа. Не постои никаков интерес сторителите на грозоморната егзекуција да бидат ставени зад решетки. Родителите на свирепо убиените момчиња кај Смилковското Езеро на Величетврток, пред 6 години, чекаат Заев да ја каже вистината, која тврдеше дека ја знае. Заев морбидно си поигрува со нивните чувства и секој ден измислува нова лага“, велат од партијата.
Оттаму истакнуваат дека Заев ја злоупотребил судбината на петте семејства и целиот случај го искористил во крајно морбидна политичка кампања.
„Алудираше дека функционери од ДУИ стојат зад настанот, дека обвинетите биле во контакт со Невзет Бејта и дека пет од броевите кои биле заведени како државна тајна се на високи функционери на ДУИ. Истиот тој Заев сега манипулира со јавноста велејќи дека Азири и Бејта разговарале за земјоделски субвенции“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија нагласуваат дека Зоран Заев, човекот кој, како што велат, кога го прашуваат за богатството на неговото семејство вели дека не е сигурен дали се шест или седум милиони евра, одеднаш се сеќава дека разговорот помеѓу Невзет Бејта и Фејзи Азири на денот на убиството не бил поврзан со убиството, туку бил за земјоделски субвенции, ни помалку ни повеќе од 450 евра.
„Граѓаните се многу поинтелигентни отколку што мислат СДСМ и Зоран Заев. Приказните од типот дека полицајци сами се удираат од пајаци или дека обвинетите во масакрот се гонат само поради тоа што разговарале за 450 евра субвенции се провидни и лесно се наѕира манипулацијата“, реагираат од партијата.
Истакнуваат дека случајот со свирепото убиство кај Смилковско Езеро надвор од правната логика е вратен на повторно судење, а убијците ослободени од притвор. Според партијата, сето тоа е дел од платформата од Тирана, врз чија основа Заев ја направи коалицијата со ДУИ, но оттаму потенцираат дека правдата за семејствата на ликвидираните момчиња е поважна од коалицијата на Заев со ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Левица: Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење
Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење поради сериозната еколошка хаварија со изворот на вода за снабдување, велат од Левица.
„Иако институциите соопштија дека се преземаат мерки за лоцирање на причините, сеуште нема никакви официјални информации како загаденоста на водата во Струга достигна 30 пати над дозволеното.
До Левица пристигнаа информации дека над самиот извор се врши експлоатација на минерали од приватна компанија “Ми транс”. Дали активностите преземени при експлоатацијата довеле до екстремно загадување е прашање на коешто што побрзо треба да одговорат надлежните институции“.
Левица го повикува Државниот инспекторат за животна средина и надлежниот инспекторат во рамки на Министерството за енергетика итно да излезат на терен и да извршат вонреден инспекциски надзор. Надлежните институции, додаваат од таму, мора да дадат одговор дали несоодветна експлоатација на минерали во самите извори ја предизвикало оваа хаварија и дали е несоодветно издадена дозвола за експлоатација.
Според оваа партија, институциите и градоначалникот не смеат да го заташкаат случајот и мора точно да ја утврдат одговорноста поради која 50.000 граѓани се оставени без чиста вода за пиење.
Македонија
Белоглави мршојадци од Шпанија ќе бидат донесени во Македонија – нов проект на МЕД за зачувување на нивната популација
Во текот на следните шест години, Македонското еколошко друштво (МЕД) ќе спроведува нов меѓународен проект во рамки на програмата LIFE, чијашто цел е да се зголеми популацијата на белоглавиот мршојадец на македонска и грчка територија и со тоа да се придонесе кон зајакнување на целокупната популација на овој вид на Балканскиот Полуостров.

Кофинансиран од Европската Унија, овој партнерски проект, покрај МЕД, ги поврзува Грчкото орнитолошко друштво, Универзитетот на Крит – Музеј за природна историја, Агенцијата за природна средина и климатски промени од Грција и Фондот за дива флора и фауна од Бугарија, под водство и координација на швајцарската Фондација за заштита на мршојадци.
„Сè до средината на дваесеттиот век, белоглавиот мршојадец бил вообичаена глетка низ Балканот, но во последните децении од минатиот век, поради ловењето, труењето, недостигот на храна и струјните удари и судирите со надземната електрична инфраструктура, е доведен до работ на изумирање. Податоците добиени преку следење со ГПС-технологија покажуваат дека овие птици на Балканскиот Полуостров најчесто се задржуваат во седум клучни зони заради размножување и одмор при миграциите. Една од нив е Тиквешко-Демиркапискиот Регион, едно од ретките преостанати јадра за гнездење на мршојадците во Македонија. Денес, овој предел е дом на два пара од глобално загрозениот египетски мршојадец и на околу 20 пара од белоглавиот мршојадец, заради што и ќе биде во фокус на проектните активности“, велат од МЕД.

Од таму појаснуваат дека зајакнувањето на постојните популации кај нас ќе се направи преку воведување на 50 нови единки од белоглавиот мршојадец, кои ќе бидат донесени од Шпанија. Овие птици ќе бидат префрлени во кафези за аклиматизација и пуштени согласно соодветен протокол и во соработка со локални партнери. Заради истражувачки и превентивни цели, пред да бидат пуштени, на овие птици ќе им бидат поставени ГПС-предаватели.
Сеопфатниот пристап кон подобрување на животните услови за белоглавиот мршојадец ќе вклучи и активности за поефективно спроведување на законите заради намалување на смртноста на птиците од труење, како и воведување на системи за рано предупредување базирани врз ГПС-мониторинг. Исто така, ќе се зајакнуваат националните капацитети за рехабилитација на диви животни и ќе се зголемува достапноста на храна преку поставување дополнителни станици за исхрана. На овој начин ќе се зацврсти поврзаноста на птиците со клучните зони на полуостровот, со што значително ќе се зголемат и шансите за нивно преживување и опстанок.
Од МЕД велат дека голема улога во зачувувањето на мршојадците имаат и локалните заедници со кои овие птици се силно поврзани. Токму затоа, преку проектот ќе се поддржи и традиционалното сточарство кое исто така е извор на храна за овие птици, и ќе се подига свеста за улогата и значењето на мршојадците во екосистемот и во локалната економија. На овој начин, велат од МЕД, целосното закрепнување на популацијата на белоглавиот мршојадец на Балканот повеќе нема да биде прашање на надеж, туку споделена обврска.
Македонија
Гаши за Денот на независноста на Косово: Празникот е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата
Претседателот на Собранието Африм Гаши со честитка по повод Денот на независноста на Република Косово.
„Овој празник е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата. Независноста на Косово претставува триумф на слободната волја на граѓаните да изградат демократска, праведна и европски ориентирана држава.
Република Северна Македонија и Република Косово уживаат одлични односи. Нашите соседски, општествени и историски врски се силни и претставуваат непоколеблива основа за понатамошно продлабочување на партнерството меѓу нашите две земји.
На овој значаен ден, ја потврдуваме нашата поддршка за успешниот пат на Република Косово и изразуваме убедување дека нашата братска соработка ќе продолжи да се продлабочува во функција на мирот, стабилноста и просперитетот на регионот, како и на унапредувањето на нашата заедничка евроатлантска агенда“.

