Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ослободувањето на обвинетите од „Сопот“ беше дел од платформата
Ослободување на обвинетите во случајот „Сопот“ беше една од точките во платформата потпишана во Тирана на 7 јануари минатата година, вели опозицијата преку соопштение испратено до јавноста.
„Една година подоцна СЈО ги ослободи со образложение дека немало докази. Кој го минираше патот Сушево-Сопот по кој на 4 март 2003 година се движеше конвојот на НАТО, одговор нема. Кој ја набави и подметна експлозивната направа во месноста Божја Дупка, од чија детонација животите ги загубија припадниците на полскиот контингент, Павел Легински и Фјодор Никуловски, и цивилот Крунислав Кипријановски, одговор нема. Кои се првите луѓе на МВР, БЈБ и УБК одговорни за истрагата и дали тие знаеле за информациите изнесени денеска? Дали ќе има одговорност доколку СЈО верува дека тогашната власт ја монтирала истрагата? Дали ќе има одговорност за судиите кои тогаш го воделе предметот бидејќи, според Катица Јанева, суделе без докази?“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата додава дека платформата се реализира, а скандалите се покриваат со монтирани обвиненија во кои уметници, режисери, актери, пратеници без никакви докази се прогласуваат за терористи. Според нив, не постои никаква основа политички обвинетите за настаните од 27 да останат во притвор.
„Денеска Врховниот суд на Република Македонија ќе одлучува по приговорите на неправедно обвинетите патриоти. Нема ниту еден правен аргумент зошто на овие луѓе би им се продолжила мерката притвор“, смета ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се додава и дека судот треба да се води исклучиво врз основа на закон, а не да исполнува желби на одредени центри за моќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Битола објави повик за доделување финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти
Општина Битола го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства од буџетот на општина Битола на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти за 2026 година.
Право на учество на јавниот повик ќе имаат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски и младински категории, како и другите физички и правни лица од областа на спортот чиешто регистрирано седиште, односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на Општина Битола.
Пријавите треба да се достават до Општина Битола преку пошта на адреса; Општина Битола, Булевар 1 –ви Мај број 61, 7000 Битола или да се достават во архивата на Општина Битола од 07:30 часот заклучно со 15:30 часот до последниот ден од Јавниот оглас.
Рокот за поднесување на пријавите започнува од 25.02.2026 година и трае заклучно со 11.03.2026 година.
Пријавите од јавниот повик ги разгледува Комисијата за млади и спорт од Советот на Општина Битола и согласно критериумите ја одбрува висината на финансиската поддршка. Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2026 изнесува 2.000.000,00 денари за спортски клубови/спортски здруженија и 1.000.000,00 денари за индивидуални спортисти.
Повеќе за јавниот повик на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/sportski-klubovi-zdruzenija-i-sportisti/
фото/ Depositphotos
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.

