Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Оставка од Андов за бегствата од затвор и одговорност од надлежните
Според ВМРО-ДПМНЕ, надлежните и функционерите што ги раководат затворите се одговорни за скандалозните бегства од затворите што се случуваат во низа.
„На Ковачевски око не му трепнува што во рок од еден месец јавноста дозна за три скандалозни бегства, од кои две се случија во затворот во Шуто Оризари, во кој директорува кадарот на СДС, Филип Андов, наречен Сокол. По ваков случај, Филип Андов требаше да биде разрешен кога веќе самиот нема доблест да си поднесе оставка. По ваква серија бегства од затвор, одговорност треба да понесе и министерот за правда, Тупанчески.
Корупцијата и партизираноста во затворските служби се причината поради која на Македонија ѝ се случува распад на затворскиот систем. Македонија е на врвот во Европа по бегства од затвор. Решето-системот на затворите овозможува сериозни криминалци да бидат во отворени одделенија, да излегуваат, па дури и да ги повторуваат делата додека се избегани од затворите“, се додава во соопштението.
„Да потсетиме, во едно од скандалозните бегства, кое настана поради непочитување на протоколите, еден затворски чувар беше ранет, а во друг случај еден избеган убиец го повтори делото, односно усмрти уште едно лице. Да потсетиме и дека еден од оние што избегаа од затворот имал привилегија да биде во полуслободно одделение, што можеби е резултат на неговата блискост со половина државно раководство на СДС, за што сведочи цел фотоалбум“, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Прашуваат што уште треба да се случи за Филип Андов Сокол да биде разрешен? Што уште треба да се случи за некој да понесе одговорност за овие инциденти?
Оваа власт на СДС и ДУИ, истакнуваат од опозициската партија, е криминализирана и затоа криминалците уживаат ваква слобода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.