Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пендаровски говори дека изминативе 7 години проруското влијание било зголемено во Македонија, тие години СДС и ДУИ беа на власт
„Почитуван’’ поранешен претседател на Македонија, она што го говорите на едно ваше интервју за наводно про-руско или про-српско влијание во државата во изминатите 7 години, да ве потсетиме дека тој период на власт беа СДС и ДУИ.
Од тие изминати 7 години, да ве потсетиме дека вие бевте претседател на државата, период во кој вие велите дека е зголемено истото тоа влијание во државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Прашуваат, дали Пендаровски, заедно со СДС и ДУИ, имаат создадено или овозможено про-руско влијание во државата? Дали Пендаровски и власта на СДС и ДУИ, лицемерно говореа и ја поддржуваа Украина, додека од друга страна создавале терен за други влијанија во државата?
„Како ВМРО-ДПМНЕ апсолутно ја поддржуваме Украина и ја осудуваме Руската инвазија врз Украина, а тоа се потврдува и со зголемениот Буџет оваа година за помош на Украинаё“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Николоски: На автопатот Охрид – Кичево се вршат сложени инженерски зафати, кои првпат се користат во регионот
Првпат на автопатот Охрид-Кичево изведуваме сложени инженерски и градежни зафати и ова првпат се изведува во регионот, а се со цел да се овозможи стабилизирање на косините и земјиштето од овој обем. Ова го изведуваме за целосна доизградба и ставање во функција на безбедно автопатско решение, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, пратеникот Ѓорѓи Сајкоски и градоначалниците од Кичево и Дебрца извршија увид на работите на автопатот Охрид-Кичево.


„Ние досега само зборувавме колку е тежок овој проект, но денеска целата македонска јавност може да се увери, дека се работи за најтешкиот инженерски проект, не само во Македонија, туку и во целиот регион. Се работи буквално на пробивање на планини, за косини коишто се од 100 до 200 метри, за земјиште коешто постојано се спушта до главната траса и за бројни проекти, кои што за жал 11 години откако почнал да се гради овој автопат не биле решавани. Со изборот на новата Влада, почнаа овие проблеми да се решаваат. Решаваме вкупно 16 косини, од кои што на 14 ќе имаме стабилизација со така наречени галерии, нешто што за прв пат ќе се изведува, не само во Македонија, туку во целиот регион, каде што со армиран бетон се застанува цела планина, нешто што регионот го нема видено”, истакна Николоски.


Вицепремиерот Николоски упати благодарност за посветеноста на сите инволвирани работници, изведувачи и инженери, кои работат на изведбата на овие инженерски зафати и како што потенцира, целта на изградбата на автопатот Охрид-Кичево не е само да се заврши, туку да биде и безбеден патен правец кој што ќе се користи во наредните децении.
Македонија
Ѓорѓиевски најави модернизација на Зоолошката градина во Скопје
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ја презентира стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, со која, како што рече, почнува ново поглавје во развојот на оваа институција.
„Зоолошката градина во Скопје ќе стане водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. Чест ми е што денес ја презентираме стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, документ што носи јасна визија за модерна, одговорна и хумана институција. Со неа правиме суштински исчекор од поимот зоолошка градина како место за забава кон центар за едукација, заштита на природата и грижа за животните“, вели Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека целта е Зоолошката градина да стане училница на отворено, од каде што децата ќе заминуваат не само со спомени туку и со знаење, свест и емпатија кон природата.
„Клучен столб на стратегијата е трансформацијата на Градината во функционално прифатилиште за заштитени и ранливи видови, со професионална ветеринарна грижа и безбедни услови. Скопје ја презема моралната обврска да биде дом за животните кои не може сами да опстанат во дивината. Стратегијата е целосно усогласена со строгите стандарди на ЕАЗА, со јасна цел за полноправно членство. Тоа значи високи стандарди за благосостојба на животните, активна научна и конзервациска улога, како и највисоки норми за безбедност и одржливост“, рече градоначалникот.
Тој најави целосна модернизација на Зоолошката градина, подобри услови за животните, посетителите и вработените, енергетски ефикасни решенија, зголемена безбедност, како и нови содржини, меѓу кои и центар за хипотерапија за децата со посебни потреби.
Со овие чекори, рече Ѓорѓиевски, Зоолошката градина во Скопје ќе прерасне во современа, едукативна и хумана институција, место каде што се среќаваат науката и грижата за животот.
Македонија
ИПАРД не е суспендиран, уверува Министерството по наводите на опозицијата
Европската комисија нема донесено одлука за суспензија на средствата од ИПАРД III-програмата, соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од Министерството наведуваат дека опозицијата преку свои соопштенија и изјави се обидува да ја манипулира јавноста посочувајќи дека Европската комисија нема суспендирано средства од програмата.
Во соопштението се наведува дека на состаноците со претставниците на Европската комисија било најавено спроведување дополнителни контроли во делот на веќе завршените предмети. По завршувањето на проверките и контролите од страна на надлежните институции, како што се посочува, реализацијата на ИПАРД III-програмата ќе продолжи без застој.
Министерството информира дека Македонија останува посветена на искористувањето на европските фондови наведувајќи дека во моментот искористеноста на ИПАРД III-програмата изнесува 7,3 отсто, што, според нив, е добар резултат во регионот и втор најдобар по Турција.
Од Министерството уверуваат дека ниеден земјоделец нема да биде загрозен во однос на користењето на средствата од ИПАРД III-програмата и апелираат до опозицијата да се воздржи од, како што наведуваат, неосновани коментари и дезинформации во интерес на заштита на угледот на државата пред меѓународните институции.

