Македонија
ВМРО-ДПМНЕ повторно за одлуката на СЈО за случајот „Пуч“, Заев знае дека е виновен
Зоран Заев знае дека е виновен за случајот „Пуч“ и има цврсти докази против него и против Зоран Верушевски, па затоа втора недела молчи за „аболицијата што му ја подари Катица Јанева, исто како што молчеше и за случајот „Глобал“, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Секој човек кој држи до своите чест и углед, доколку е обвинет за криминал ќе инсистира да си го обели образот и да ја докаже својата невиност… Со денови молчи и СЈО за скандалозното повлекување на обвинението во случајот „Пуч“. Со оваа одлука СЈО и Катица Јанева само потврди дека работи за класична политичка испостава која по директива мораше да го заштити чадорот кој протекува од сите страни“, рече Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Појасни дека за предметот „Пуч“ имало правосилен обвинителен акт, поткрепен со бројни докази на кои работеле органите на прогонот.
„Откажувањето од „Пуч“ беше откажување од заклетвата дека ќе се работи согласно Уставот и законите и ќе ги штитат интересите на државата и граѓаните. СЈО покажа дека не било формирано да го расчисти нелегалното прислушување, туку за да го спасува криминалецот Зоран Заев и организацијата која ја направи Верушевски, кои две ипол години ја држеа нашата држава во заложништво“, додаде Костовски./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Утре сончево време со температура до 15 степени
Утре во утринските часови ќе има појава на магла по котлините. Во текот на денот ќе биде претежно сончево и тивко, освен во југоисточните делови каде ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на слаба магла. Во текот на денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 11 степени.
До крајот на неделата нашата држава ќе биде под влијание на висок воздушен притисок кој ќе услови стабилно и релативно топло време. По одделни котлини во претпладневните и ноќните часови ќе има појава на магла.
Македонија
(Фото) Колони возила чекаат влез во Македонија преку „Дојран“, „Богородица“ е затворен
Колони возила чекаат на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Ники“ (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси, информира АМСМ.
Според најновата информација од АМСМ, сообраќајот на ГП „Богородица“ (ГП Евзони) од 15 часот е нормализиран во двата правци.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.

„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничниот премин Дојран, времето на чекање за излез од државата изнесува 30 минути. На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, информира АМСМ.

