Македонија
ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за одговорност на Димитров
ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за одговорност на вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров.
Пратеникот Антонијо Милошоски кажа дека ја поднесуваат интерпелацијата затоа што Димитров не го почитувал Собранието, не постигнал никаков успех, како и поради, како што рече, пасивноста на секретаријатот за европски прашања.
„Првиот основ којшто е многу сериозен е неговото непочитување на Собранието. Никола Димитров е еден од ретките министри во Европа, со исклучот на министерот можеби во Белорусија, којшто не се одзива на покани на пратениците во Собранието. Досега не се случило во 30 години независна Република Македонија, министер и член на Владата да не се одзве на поканата на пратеници и да дојде да учествува во работата на одредена комисија во Собранието, што е Уставна, би рекол обврска и задача на секој еден министер да биде отчетен пред Собранието, пред пратениците и се разбира пред граѓаните и пред јавноста“, рече Милошоски.
Тој кажа дека втората причина за интерпелација на Никола Димитров е неговиот неуспешен исход во изминативе 100 дена, но и во изминативе 2 и пол години во континуитет.
„Што значи овој континуитет? Од 2018 година па потоа 2019, 2020 година токму Никола Димитров како член на Владата тврдеше дека Македонија добила одлука за безусловен почеток на преговорите за членство со Европската Унија што требаше да биде означена со првата македонско-европска меѓувладина конференција. За жал, гледаме дека претседателството на Сојузна Република Германија во 2020 година заврши без заклучоци за Македонијија, а немаше ниту одлука за почеток на преговорите и за првата меѓувладина конференција што цениме дека самиот овој исход на немање одлука потврдува дека министерот Никола Димитров ја доведувал во заблуда јавноста во Македонија исто така и Собранието тврдејќи дека имаме одлука за безусловен почеток на преговорите. Според тоа би требало да сноси политичка одговорност“, рече Милошоски.
Тој кажа дека третата причина е пасивноста на секретаријатот за европски прашања.
„Ние видовме дека при формирањето на Владата беа доделени таканаречени мандатни писма каде што секој член на Владата се пофали, барем пред камерите, дека има одредени задачи кои треба да ги реализира во првите 100 дена. Гледаме дека некои министри даваат отчет за сработеното, но членот на Владата и заменик- претседател за евроинтеграции Никола Димитров во изминативе 100 дена не даде никаков отчет за работата на секретаријатот за европски прашања којшто е прилично пасивизиран и гледаме дека во јавноста нема ниту еден потег којшто го направил во интерес на граѓаните или на државата“, рече Милошоски.
Овие три причини, додаде тој, сметаме дека се доволен аргумент за интерпелација и за изгласување недоверба за работата на вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

