Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Поради неказнивоста дојде до трагично двојно убиство
Политички и полициски структури на СДС го охрабруваа Палевски да шири токсична атмосфера и да сее омраза- поради неказнивоста дојде до трагично двојно убиство, велат од ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение.
„Политички и полициски структури на СДС го штитеа и замижуваа пред поведението на Љупчо Палевски Палчо, затоа што им одговараше. Преку своите поткасти и емисии на интернет портал, ширеше омраза и создаваше токсична атмосфера. Власта го охрабруваше да навредува, клевети, да се заканува, а кога Палевски се почуствува доволно недопирлив премина на рекет, уцени и на крај заврши со двојно трагично убиство.
МВР, Спасовски, Ковачевски и СДС молчат за скандалот пред 7 месеци кој ја потврдува неказнивоста на Палевски. Имено Палевски и неговата група во месец мај 2023 била фатена со нелегално оружје додека копале злато, за сега Палевски и истите неговите соработници да бидат поврзани со едно од најгрозоморните убиства во Македонија. Ете тоа е резултатот на неказнивоста и нефункционалноста на институциите раководени од Ковачевски, Спасовски и СДС.
Двојното убиство немаше да се случи, ако обвинетите тогаш беа санкционирани за нелегано оружје.
Нервозата во СДС е голема, затоа што не им e чиста совеста. Нервозни се затоа што народот гледа дека охрабруваа и дозволуваа сеење на омраза и создавање на токсична атмосфера. Нервозни се затоа што знаат дека постоеле пропусти во истрагата и затоа што знаат дека нивните грешки кои невешто ги кријат, чинат нечии животи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани, поранешниот генерален директор во МЕПСО и МЖ е кандидат за министер за европски прашања на Алтернатива
Орхан Муртезани е кандидатот од Алтернатива за министер за евроинтеграции, додека Љуљзим Алиу е предложен за заменик министер за образование, а Сафије Садики Шаини за заменик министерка за односи меѓу заедниците, информира Алтернатива.
Муртезани е поранешен генерален директор во МЕПСО и во Македонски Железници – Транспорт, како и актуелен секретар за односи со јавноста и портпарол на Алтернатива.
На оваа средба се разговарало и за кандидатот за заменик министер за образование и наука, при што исто така едногласно било одлучено да биде проф. д-р. Лулзим Алиу, универзитетски професор и продекан на Педагошкиот факултет, поранешен заменик министер за образование, а моментално секретар на Секретаријатот за стратегиски политики во Алтернатива.
„Бидејќи Алтернатива презеде одговорност и за заменик-министерот во Министерството за етнички заедници, за ова име Централното претседателство едногласно одлучи кандидат на Алтернатива за оваа функција да биде Сафије Садики Шаини – универзитетски професор, поранешен пратеник и потпретседателка на Алтернатива“, стои во соопштението.
На средбата се разговарало и за оставката на поранешниот претседател на Алтернатива, Африм Гаши, кој е избран на функцијата Претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
„Судејќи дека во интерес на партиското претставување е партијата да има претседател со полн легитимитет, Централното претседателство на Алтернативата одлучи да му предложи на Централното собрание да донесе одлука за организирање на вонреден конгрес за избор на новиот претседател на Алтернатива“, соопштија од партијата.
Македонија
Лифт потиснал и заробил куче, го спасија пожарникари од Прилеп
Центарот за управување со кризи информира за несекојдневна ситуација во Прилеп каде пожарникари спасиле куче заглавено во лифт.
„Пожарникарите од ТППЕ Прилеп, покрај гасењето на пожарите во населени места и на отворено имале имале уште една помала техничка интервенција за безбедно извлекување на куче коешто било потиснато и заробено од лифт во ООУ ‘Кочо Рацин’. Интервенирано е со едно возило и двајца пожарникари“, велат од Центарот за управување со кризи.
Македонија
Филипче: Младите бараат нешто ново, не бараат ригидна партиска структура
„Сметам дека оваа организациска поставеност на партијата го дала својот максимум во некои минати времиња. Луѓето бараат нешто ново. Младите бараат нешто ново, не бараат ригидна партиска структура во којашто ќе слушнат наредба во која не учествувале. Сакаат да дадат свој придонес. А ќе дадат свој придонес кога ќе може да комуницираат на соодветен начин и соодветно ќе бидат вклучени и вреднувани“, истакна Венко Филипче на првата од осумте партиски трибини во рамки на кампањата на СДСМ за избор на претседател.
Тој рече дека е овој модел на организација мора да се менува со цел да се прилагоди на потребите и начините на комуникација на луѓето во денешно време, но и да се обезбеди поголема и постојана вклученост на членовите.
Филипче смета дека е потребно основата на политиките и одлуките да доаѓаат од најниско кон највисоко ниво, каде на база на реалните потреби на граѓаните понатаму ќе обликуваат решенијата.
„Најголемиот проблем со којшто се соочивме изминатиот период и кое луѓето најдиректно ни го кажуваат е дека имале затворени врати. Едноставно не можеле да си ги кажат ни барањата, ни потребите и идеите. И што прават луѓето? Нормално се повлекуваат. Така да ако се отвори партијата, ако се симне структурата кон општинските организации каде што ќе се градат политиките и после тоа дојдат до централното ниво каде што понатаму ќе се дообликуваат е вистинскиот пристап. Само така ќе можеме да кажеме дека сме креирале политики согласно реалните потреби на луѓето“, рече Филипче.