Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Постојат сомнежи за исплатата на штетите од земјотресот во Охрид
ВМРО-ДПМНЕ бара разгледување на проблемите што настанале при исплата на штетите од земјотресите во општина Охрид во 2017 како и предлог-мерки за нивно надминување. Перчо Божиновски, шеф на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, побара од Советот на Општината да го надополни дневниот ред со оваа точка, која, како што вели, поради итноста, би требало да биде прва на дневниот ред.
Опозициската партија укажува дека постојат сомнежи во однос на исплатата на штетите и очекуваат Општината за тоа да ги извести Основото јавно обвинителство, Владата и Секторот за внатрешни работи во Охрид.
„Отворено се сомневаме во направените процени на штети и исплатата на високи штети кај одредени високи структури ангажирани во локалната самоуправа во Охрид. Сето ова нè наведува на тоа да се сомневаме за направени огромни штети во буџетот на Република Македонија. Од тие причини бараме денес Советот на Општината да го надополни дневниот ред со цел надминување на проблемот во интерес на граѓаните. Советот има надлежност и мора да го разгледа овој проблем како донесувач и чувар на буџетот на Општина Охрид“, велат од партискиот Центар за комуникации во Охрид.
ВМРО-ДПМНЕ побара од в.д. градоначалникот Константин Георгиески на наредната седница на Советот на Општина Охрид да достави писмен детален извештај за преземените активности во врска со надминувањето на овој проблем, кој ќе се разгледува како посебна точка на дневен ред.
„Од нашите информации, кои се јавно достапни, прекината е исплатата на штетите до расчистување на случајот. Којзнае колкава ќе беше штетатата на Општина Охрид и буџетот на Република Македонија и какви сè не процедурални грешки ќе направеше раководството на локалната самоуправа во Охрид,доколку ВМРО-ДПМНЕ не ја откриеше целата афера и не доставеше барање за информации од јавен карактер во однос на овој проблем“, велат од опозициската партија.
Додаваат дека и во периодот по барањето за информации од јавен карактер, очигледни се збунетоста и нерешителноста на раководството на локалната самоуправа и надлежните институции за надминување на оваа состојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) „Правната држава е погребана, куќниот притвор за Груби е печат на дилот ВМРО–ДУИ“, вели Димитријевиќ
„Правната држава е целосно погребана. Дилот меѓу ВМРО-ОКГ и ДУИ се реализира пред очите на јавноста. После театарот на граница, со договорено враќање и режирано снимање, каде го видовме како Груби доаѓа насмеан, со наочари, следуваше продолжение со куќен притвор. Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено“, вели Алескандар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
„Затоа обвинителството и судството беа ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ, за што СДСМ со месеци говори.
Го сменија јавниот обвинител, избраа судии и обвинители под нивна контрола. Сопруга на екс градоначалник на ВМРО назначија за член на Судскиот совет, советник на Мицкоски во Уставниот суд, в.д. обвинителка избраа на поранешен заменик-министер на ВМРО.
За в.д. претседателка на Кривичен ја назначија Даниела Димовска. Синоќа видовме зошто. За да бидат алка во рацете на власта, инструмент за реализација на политичките одлуки на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
Како одлуката за куќен притвор, каде одговорноста е кај обвинителството и судството. Иако еднаш избегал, вчера обвинителството побарало поблага мерка од претходно веќе одредената мерка притвор.
Замислете, еднаш избегал, а сега Обвинителството бара замена на мерката притвор со мерка куќен притвор. Кој е предметен обвинител за овој случај? Даниел Коцев. А негов шеф? Обвинителот Анел Фидоски.
Тој беше избран на оваа функција на 20 јануари 2026 година како одговорен на најголемото обвинителство во државата, значи пред 1 месец. На кого веќе ова сценарио не му е јасно? Два месеци говориме за ова. Очигледно доаѓањето на Груби временски било темпирано.
Прво преземање целосна контрола врз обвинителството со нова раководна поставеност, па потоа реализација на дилот меѓу ВМРО и ДУИ. Дополнително, видовме дека и целиот затворски систем е капитулиран пред политичките договори.
„Не можело да му се гарантира безбедност“, па го пуштија дома.
Ниту еден час не помина во Шутка. Нема ниту една камера за 5 тони дрога, а има камери за Груби на граница.
Камерите „случајно“ не работеа ниту кога Груби излезе од државата, слободно, пешки, со пасош, иако бил на „стоп“ листата. Ама за враќањето на Груби камери има – од граница, од пречек, до
Обвинителството и Судот. И веднаш медиумите под контрола на Орбан, спремни, во иста минута сите со кампања. Целосно режирано, само овој пат лоша реализација. Како Катица што ја пуштија 3 години порано за да им помага како елемент во кампањата за враќање на Груевски.
Цела банда ја собираат. Главниот и одговорен уредник за жолт печат, Христијан Мицкоски, сега е уредник на циркус со кој се погребува правото и правната држава.
Сè е јасно, сè е договорено, смислено сценарио. Дил. Само уште да видиме што ќе добие ДУИ за возврат од ВМРО-ОКГ. Можеби им поминуваше со години, но повеќе не – граѓаните не се наивни ниту слепи. Граѓаните конечно гледаат сè и знаат“, изјави Алескандар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
Македонија
Нормализиран сообраќајот по одронот на патот Катланово – Велес
Од 10:30 часот одронот на патниот правец А1 Катланово – Велес е исчистен, сообраќајот е нормализиран и се одвива по две коловозни ленти, соопшти АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Обвинителството за куќниот притвор на Груби: Се водиме исклучиво од законските основи
Јавното обвинителство како единствен и самостоен орган, при одлучувањето и предлагањето на мерките за обезбедување во сите случаи се води исклучиво од законските основи, велат од ЈОРМ.
„Во однос на реакциите на јавноста во врска определената мерка за обезбедување – куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“, обвинителството нагласува дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа.
Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка.
За обвинителството од исклучителна важност е што овој осомничен е обезбеден и за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. За него беше спроведена финансиска истрага и се обезбедени најголемиот дел од потребните докази, во кои одбраната веќе врши увид.
Надлежните јавни обвинители во предметот постапуваат одговорно и во согласност со законските надлежности. Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за овој предмет, но апелира за воздржаност на коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

