Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ревизијата констатирала отсуство на процедури во случајот на Палчо, токму тоа го спасува Спасовски од кривична одговорност

Ја разбираме потребата на СДС да го брани сопствениот поранешен претседател на градска организација и осомничен за сурово двојно убиство Љупчо Палевски Палчо, но тоа што утврдила ревизијата е отсуство на процедури кои се начин низ кој се провлекува Оливер Спасовски и неговата одговорност за ненавремената реакција на службите за двојното убиство, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„После 8 години министерување, прашањето е зошто Оливер Спасовски не донел процедури за задолжително постапување во вакви случаеви?“, прашуваат од партијата на Мицкоски.
„Сака СДС од чии структури се изроди Палевски, да не убеди дека е нормално што се возел среде Скопје со возилото на прво убиениот и се движел непречено?
На крајот СДС да го праша министерот за правда до кај е екстрадицијата на Палчо? Дали е на повидок негово ослободување?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Град Скопје: Обвинителството го отвори првиот случај за дивоградбите во Чаир

Основното јавно обвинителство ја започна постапката по првата пријава за фалсификати поврзани со градби во Општина Чаир, информираа денеска од Град Скопје.
Според соопштението од прес-службата, истрагата се однесува на сомневања за фалсификување на документи и незаконска легализација, а се поврзува со поранешниот градоначалник на општината, Висар Ганиу.
„Основното јавно обвинителство ја започна постапката по првата пријава со фалсификатите. Таму веќе се водат уште две постапки претходно започнати за Висар Ганиу, првата за фалсификување на целата архивска книга со броеви и барања за легализации, а втората за уште еден случај каде што незаконски се легализирале објекти со соучесник“, стои во соопштението.
Од Град Скопје испратија и повик до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, со барање конечно да започне постапка против, како што велат, „организираната криминална банда“ во Чаир.
„Очекуваме и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се одважи и да почне да постапува против организираната криминална банда во општина Чаир, која овозможувала градење незаконски на небезбедни згради со црни пари од нелегални извори“, велат од Град Скопје.
Во реакцијата се посочува и дека некои од лицата кои се појавуваат како сопственици на овие објекти сега се милионери, а официјално се прикажани како градители на зградите уште од пред 5, 6, 10, па и 11 години.
Скопје
Ѓорѓиевски: Уште една незаборавна ноќ во Кисела Вода, десетици илјади граѓани на концертот во Расадник

Со вистинска експлозија од енергија, ритам и емоции, синоќа помина третата вечер од Културното лето на Општина Кисела Вода, кое годинава се одвива под слоганот „Сѐ на свое место“. Расадник повторно беше полн со луѓе, откако десетици илјади граѓани се собраа за да прослават и да уживаат во една од најмасовните музички забави што се случиле во Скопје последниве години.
На сцената настапија популарните 2Бона, Некст Тајм и Слаткаристика, кои со своите хитовски песни ја дигнаа публиката на нозе. До доцна во ноќта одекнуваа добро познати рефрени, а атмосферата беше еуфорична, преполна со енергија и музика.
„Ова е само увертира за она што следува“
На настанот се обрати и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој не го криеше воодушевувањето од атмосферата и масовноста на публиката.
„Да кажам благодарам е малку. Јас ви се поклонувам, мој народе! Ова беше уште една одлична и една од најпосетените забави во Скопје изминатите години. Забава која ќе остане да се памети, а за тоа да биде така се потрудија неповторливите 2Бона, Некст Тајм и Слаткаристика. Ви се заблагодарувам на сите! Вие сте причината за ова што го работиме од срце, со елан и визија! И ова не е крај – ова само е увертира за она што следува!“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој ги дувна и свеќичките на роденденската торта, честитајќи го празникот на општината.
Последна вечер со хумор и евергрини
Славењето продолжува и вечерва, повторно на истото место – Расадник, со последната вечер од богатата роденденска програма.
Од 20:30 часот ќе настапат стенд-ап комичарите Бојан Велевски и Маријан Георгиевски, а веднаш потоа ќе следува настап на Теа и 2 Exit, кои ќе понудат модерна изведба на македонски евергрини.
Македонија
Алиу со информации за повредените од Кочани: Се лекуваат во земјава и странство, Пониква добива втора група

Тројца пациенти кои беа тешко повредени во пожарот во дискотеката во Кочани сè уште се лекуваат надвор од земјата, двајца во Турција и еден во Словенија, информираше денеска министерот за здравство Азир Алиу, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Министерството за здравство.
Министерот потврди дека сите тројца се во стабилна здравствена состојба, а состојбата на повредените што се лекуваат во земјава се следи редовно. Неколкумина се згрижени во Клиниката за пластична хирургија, каде што се третираат поради длабочината на изгорениците. Дополнително, двајца пациенти се хоспитализирани во приватната болница „Систина“, исто така во стабилна состојба.
Во меѓувреме, се реализира рехабилитација и на планината Пониква. Таму во моментов се наоѓа првата група пациенти, на кои им асистираат пет физиотерапевти, специјалист физијатар и општ хирург, соопшти Алиу.
„Младите се изразиле дека сакаат да продолжат и понатаму со програмата. Веќе имаме барања од некои од нив да останат и со втората група, која најверојатно ќе започне со рехабилитација од втората половина на јули“, рече министерот Алиу.
Во врска со обвинувањата од роднини на загинатите за наводен несоодветен третман и недостиг на опрема во болницата во Кочани, министерот истакна дека очекува институциите надлежни за истрага да дадат јасни одговори.
„Кочанската болница е меѓу нашите топ приоритети. Откако сум министер, правиме сè што е можно во рамките на надлежностите за нејзино соодветно опремување. Работна група континуирано работи на тоа“, додаде тој.
Алиу извести дека во моментов на Клиниката за онкологија има терапија, а во понеделник ќе има средба со директорот за дополнително подобрување на состојбата.
Се осврна и на состојбата со Психијатриската болница „Бардовци“, која, според него, „не личи на болница“, поради лошата инфраструктура и недостигот од кадар. Донесени се одлуки за вклучување на стручни лица од други установи кои ќе доаѓаат повремено и ќе им помагаат на пациентите таму.
Во врска со проблемот со паркинг-просторот за вработените во Клиничкиот центар, министерот посочи дека веќе има применето решение за надворешно паркирање, кое наишло на мешани реакции.
„Во тек е подготовка на втора фаза од решението, која ќе подразбира и уредување на внатрешниот паркинг-простор во рамки на кампусот“, најави Алиу.