Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ дрско лаже за наводен бугарски пасош на Арсовска

Ваква црна кампања досега е незапаметена и таа е последица на стравот од пораз на Шилегов и Заев, велат од ВМРО-ДПМНЕ, откако од СДСМ денеска објавија дека Данела Арсовска поседува бугарски пасош.
„Во целост ги демантираме ваквите невистини и ниту една црна кампања, вклучително и таа во која вмешуваат членови на потесното семејство на Арсовска, нема да им помoгне да го одбегнат поразот од народот,, кој им следува“, се наведува во партиската реакција.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ова не е првпат СДСМ, како што велат, да мавта со лажни обвинувања за бугарски пасоши.
„Ваквите лаги нема да го спасат ниту Шилегов од пораз и одговорност за прекумерното богатење додека е на државна функција. 4 стана, 2 хациенди е учинокот на Шилегов како градоначалник и тон лажни вести за прикривање на непособноста на Шилегов“, стои во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицевски: „Аудито“ од 130 илјади евра е на Филипче, тој што му го купил и го потврди, ЈО да отвори постапка

Аудито од 130 илјади евра е на Филипче, тој што му го купил го потврди истото, ЈО мора да отвори постапка, вели Јане Мицевски, пратеник и член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Енис Колашинац, газдата на фирмата Зобек мининг груп, кој го земала на лизинг луксузното ауди Q8 кажа дека истото го земале за Венко Филипче и дека истото сега се наоѓа во владение на претседателот на СДС. Колашинац не е било кој бизнисмен, тој е бизнисменот кој го снабдуваше ЕСМ со јаглен во време на СДС и бизнисменот кој заедно со Филипче и браќата Заеви се журкаа на Харис Џиновиќ во Дубаи“, рече тој.
Мицевски додаде дека обвинителството мора да отвори постапка против Венко Филипче.
„За ист ваков случај веќе има отворено постапка против Пеце Мирчевски, поранешен директор на СОЗР од СДС. Зошто Филипче е привилегиран? ЈО мора да почне да работи“, рече тој.
Македонија
Францускиот амбасадор во официјална работна посета на „Алкалоид“

Делегација од Амбасадата на Франција, предводена од Н. Е., г. Кристоф Ле Риголер, оствари работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје. Во рамките на посетата, чиј домаќин беше Генералниот директор и Претседател на УО, г. Живко Мукаетов, дипломатскиот тим имаше можност да се запознае со работењето на компанијата, финансиските резултати, деловните активности, како и со производствените перформанси и продуктното портфолио.
Деветдецениската корпоративна историја и постапниот раст и развој на „Алкалоид“ на Амбасадорот Ле Риголер му беа презентирани низ обиколка на компанискиот Музеј, во кој хронолошки, во декаден след, е претставена трансформацијата на „Алкалоид“ од скромен фармацевтски локалитет во современ глобален бренд зад кој стојат над 3.000 исполнителни вработени.
Официјалната работна посета на француската дипломатска делегација вклучи и обиколка на производствените капацитети во сегментот ПЦ ‘Фармација’, како и посета на компанискиот Институт за истражување и развој, каде беа презентирани современите технолошки процеси и иновативниот пристап во развојот на нови фармацевтски формулации и производи.
Во фокусот на работната средба се најдоа и клучните стратешки определби на компанијата – силно изразената извозна ориентација, континуираните капитални инвестиции, вложувањата во програмски инструменти за едукација и доквалификација на вработените, навременото воведување и одличната реализација на ESG-стандардите, општествено одговорните проекти, како и стратешката посветеност кон одржлив раст и пазарна диференцијација во глобални рамки.
Франција е една од водечките земји во светската фармацевтска индустрија и претставува значаен меѓународен партнер за „Алкалоид“, со долгорочна и успешна соработка со повеќе водечки француски фармацевтски компании, меѓу кои: „Sanofi Aventis“, „Sanofi Pasteur“, „Ethypharm“, „Saint Gobain“ и други. Франција е меѓу петте најголеми фармацевтски пазари во светот. Високоразвиената француска фармацевтска индустрија во просек учествува со околу 3% во вкупното глобално производство на лекови, со значаен придонес во истражувањето, развојот и извозот на фармацевтски производи.
Официјалната работна посета на францускиот Амбасадор е од особено значење за компанијата и претставува одлична можност за продлабочување на досегашната соработка и за изнаоѓање нови форми на синергија меѓу „Алкалоид“ и француските фармацевтски компании.
ПР
Македонија
Пцовиса мајмун во Зоолошката градина во Скопје

Во Зоолошката градина во Скопје пцовиса мајмун од видот сијаманг. Од ЗОО велат дека причините за смртта сè уште се утврдуваат.
„Во врска со пцовисаната женка од видот сијаманг ве известуваме дека точните причини за смртта ќе ги објавиме веднаш штом ги добиеме официјалните резултати од обдукцијата направена од страна на стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина со цел поголема транспарентост, како што тоа е пракса и во минатото“, велат од ЗОО Скопје.
Од таму демантираат дека женката сијаманг била бремена во моментот на пцовисување.
„Животните од скопската Зоолошка добиваат ветеринарен третман веднаш штом се појави каков било прв симптом или аларм дека можеби се болни или имаат некаква повреда. Нивната благосостојба постојано будно се следи од страна на вработените во Скопје ЗОО, а благодарение на Факултетот за ветеринарна медицина имаме пристап до најсовремено лекување, дијагностицирање и третман на животните. За жал, како и кај луѓето, така и кај животните не секогаш може да се избориме со некои заболувања иако се преземени сите можни здравствени мерки“, велат од ЈУ Зоолошка градина – Скопје.