Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС го колабира и го опљачка енергетскиот сектор, Васко Ковачевски е со кривична пријава во бегство, а Филипче се возеше со подарено „ауди“ од снабдувач на ЕСМ
Со кој кредибилитет СДС зборува за покачувањето на цената на електричната енергија?
Тие можеби забораваат, ама народот добро памети колкави сметки за струја плаќаше во време на власт на СДС, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според оваа партија, поради колапсот и неспособноста да менаџираат со електроенергетските капацитети, како криминалните тендери со кои се богатеа, за седум години власт, СДС ја поскапе струјата за 50%.
Како што велат, вистинското место на кое СДС може да се обратат за состојбите во енергетиката се нивните функционери и поставени кадри да го пљачкаат енергетскиот сектор.
„Затоа што парите од овој, за нив, профитабилен бизнис се во криминалните тендери кои СДС преку нивните раководства во енергетските компании, си ги местеше, за што над 50 нивни функционери се со кривични пријави, меѓу кои и Васко Ковачевски кој е во бегство со украдените пари.
Од целиов синџир на криминални тендери, не изостанува ниту претседателот на, сега душегрижникот СДС, Венко Филипче.
Па затоа го прашуваме од каде му е службеното луксузно Ауди и каква е неговата врска со Енис Колашинац кој ЕСМ го снабдуваше со јаглен за време на власт на СДС и бугарската фирма.
Ако не се сетат СДС и Филипче, ние ќе ги потсетиме со сите факти и аргументи.
За разлика од нивното време, сега Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ посветено се работи на консолидација и развој на енергетскиот сектор“.
За граѓаните да не ги осетат потешкотиите и да го заштити нивниот стандард во периодот на консолидација на енергетскиот сектор, Владата, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, одлучи да ги субвенционира сметките на струја на граѓаните.
Од друга страна, појаснуваат, зголемувањето на цената на струјата во Македонија е најниско во Европа.
„А СДС тие што цело време лажеа и ширеа паника дека ќе има дупло поголемо зголемување. За тоа треба и јавно да се извинат“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

