Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ сè што фатија запустија, а најмногу образованието
На први септември уште една учебна година започна катастрофално. Две години поминаа и се уште не се испечатени учебници во основното образование, а за средното стручно образование добивме признание од министерот дека немаат пари, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека тоа е фијаско, после кое секој министер во Европа би си поднел оставка.
Од опозицијата посочуваат дека и материјалите кои учениците ќе ги користат се со недозволиви грешки.
– Ако лани владата на Ковачевски испечати учебници кај што Албанија е наш источен сосед, а Бугарија западен, годинава реките Еуфрат и Тигар ги лоцираат во Африка. Не би не зачудило утре Ковачевски да излезе во обвинување дека ВМРО му е виновно, или можеби дека се работи за хибриден напад и што ли уште не, само и само да не ја признае неспособноста на својата влада и да понесе одговорност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, хаосот во образованието го надополнува и новата концепција со споени и модуларни предмети во која наставник од хемија предава и физика, во која тројца наставници предаваат три модули во еден предмет.
– Оваа концепција која спектакуларно ја најавуваа и ја нарекуваа фински модел, сега признаваат дека е пропадната. И за ова никој не сака да признае дека погрешил, дека направил штета и на наставниците и на децата и на целиот образовен процес, велат оттаму.
Во овие 7 години власт на СДС и ДУИ во образованието нема апсолутно никаков успех. И тоа што го прикажуваат како покачување на платите на просветните работници не е ниту половина од зголемените трошоци за живот, што би се рекло, денес наставниците живеат посиромашно од било кога порано, констатираат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.