Македонија
СДСМ: Блокадите од Мицкоски за членството во ЕУ се против подобар живот на народот
Блокадите и опструкциите што Мицкоски и ДПМНЕ ги прават против членството во Европската Унија се во спротивност со интересите и потребите на граѓаните. Тие се против подобар животен стандард на народот, посилна економија, подобро владеење на правото, подобра демократија, поголема социјална правда, велат од СДСМ.
– Граѓаните заслужуваат можност за интеграција во Европската Унија, заслужуваат подобар живот и можности за развој и напредок, но не заслужуваат да ја плаќаат цената на блокадите на ДПМНЕ. Државата е пред историска шанса за членство во ЕУ, унијата јасно стави до знаење дека е подготвена за ново проширување до 2030 година и тоа треба да се искористи сега, велат од владејачката партија.
Како што велат од СДСМ, одлуката за уставни измени е единствената задача што треба да се заврши за продолжување на евроинтеграцијата, а блокадите не носат ништо, освен изолација и чекање, уште 11 или 17 изгубени години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одземање на пасошот и мерки за претпазливост за Иџет Мемети, бара Обвинителството
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост спрема второосомничениот – член на Советот на јавни обвинители, Иџет Меџити.
„Со предлогот, обвинителството бара судот на осомничениот да му определи мерки на претпазливост согласно чл.146 ст.1 т.2 и 3 од Законот за кривична постапка, односно обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи Судијата на претходна постапка и привремено да му биде одземена патната исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државна граница на име на осомничениот, како и забрана за употреба на лична карта на име на осомничениот како исправа за преминување на државната граница“, појаснуваат од обвинителството.
Во барањето се наведува, мерките да траат додека постои потреба, а најдоцна до правосилноста на пресудата согласно чл. 146 ст.5 од ЗКП.
Сервисни информации
Нормализиран сообраќајот на патот Битола – Новаци
Сообраќајот на регионалниот пат Битола – Новаци е нормализиран, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Видео) Лефков: Георгиев и Мемети се дел од правосуден октопод, кои, наместо да гонат криминал, се занимавале со криминал
Апсењето на врховниот судија Наке Георгиев за земање мито од 10 илјади евра е само уште една потврда дека Македонија со власта на СДС и ДУИ ниту била правна држава, а уште помалку европска.
Судијата, кој целата своја судиска кариера и унапредување ги добива во време на владеењето на СДС, вчера беше фатен на дело како зел поткуп во замена за олеснителни околности во постапката што се води против ексградоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, истакна на прес-конференција Миле Лефков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Георгиев, како што појасни Лефков, станал судија во 1997, па бил избран за судија во Апелациониот суд во 2004, па врховен судија во 2020 година, а потоа беше контроверзно избран и за член на Судскиот совет, па потоа уште поконтроверзно се повлече за да може син му да биде избран за судија во Кривичниот суд.
„Неговото апсење го покажа целиот сјај на бедата во која СДС и ДУИ го доведоа правосудството во Македонија.
Наместо правдата, владееле криминалот и корупцијата, а ликови како Георгиев, наместо да се борат против престапниците, самите го прекршувале законот за имотна корист“, додаде тој.
„Но тоа не е сè. Да биде срамна сликата за македонското правосудство целосна, постои основан сомнеж дека и јавен обвинител бил дел од оваа афера.
Имено, извршен е претрес и во домот на членот на Советот на обвинителите, Иџет Мемети, и претрес во службените простории на Советот на јавните обвинители по основано сомнение дека тој заедно со Наке Георгиев ја злоупотребил својата позиција и барал мито за истиот случај како и врховниот судија во замена за олеснителни околности во судската постапка.
И Мемети, како и Георгиев, тесно се поврзува со претходната власт, односно важи за исклучително близок за ДУИ. Својата кариера ја почнува кога оваа партија доаѓа на власт и извршува високи функции од правобранител, министер за правда, уставен судија, па до член на Советот на јавните обвинители.
Ова е судски октопод. Во судскиот систем владее организирана банда, која тргува со правдата и која наместо по словото на законот, работи по словото на парите“, потенцира Лефков.
Повика надлежните институции да го истражат целиот овој случај и многу други бидејќи, како што рече, оценуваат дека корупцијата во судството не завршува само со Георгиев и Мемети, туку пипалата се многу поголеми и подлабоки, од основни, апелациски судови и обвинителства, па сè до високи политички позиции на власта на СДС и ДУи во заминување.
„Без правна држава, нема Европска Унија. Без владеење на правото, нема ниту напредок ниту подобар живот во Македонија.
Со корупцијата мора да има силна и одлучна борба и никој не смее да биде заштитен или амнестиран.
Доаѓа времето на одговорност“, дециден е Лефков.