Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ ја саботираат анкетната за Онкологија за да не се дознае вистината и да ги заштитат своите кадри
Според ВМРО-ДПМНЕ, нервозата во СДС од работата и заклучоците на Анкетната Комисија за скандалот на клиниката на Онкологија, покажува дека канцер мафијата е тесно поврзана со власта.
Фактот што СДС и ДУИ ја саботираат Анкетната комисија за Онкологија, според опозициската партија е доказ дека тие прават се за да не се дознае вистината за овој грозоморен чин и да ги заштитат своите кадри заплеткани во скандалот “Диво Месо“.
„Скандалот „Диво Месо“ отвори огромен сомнеж за свесно уништување на системот и редот на клиниката за Онкологија со цел во некој да се богати на грбот на најтешко болните пациенти.
Ваквиот здравствен башибозук бил возможен само со знаење, одобрување или директно учество на највисоките функционери во институциите и власта.
Од работата на Анкетната комисија произлезе дека поради непостапување согласно надлежностите кои се пропишани во законите од областа на здравствениот систем, како и прекршување на позитивни прописи од подзаконските акти со кои се уредуваат организацијата, работењето и контролата на здравствените установи, политичка одговорност за скандалот, клучната одговорност треба да се бара кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче, тогашните медицински и економски директор на Онкологија Нино Васев и Нехат Нухи, тогашната директорка на ДСЗИ Ирина Сотирова Бухова, тогашните директори на ФЗО Стево Крстевски и Фатон Ахмети“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, оваа состојба на клиниката за Онкологија била јавна тајна.
„Пациенти, но и медиуми говореа дека свесно се создаваат долгови на клиниката, а во исто време терапија нема, наместо цитостатици пациентите добиваат физиолошки раствор, а скапите лекови завршуваат на црниот пазар во земјата и во странство.
Никој од надлежните со години и месеци не мрднал со прст и затоа се поставува прашањето колку човечки животи би биле спасени или продолжени, ако на клиниката не владеел свесно создаден хаос од кој ќар имала канцер мафијата.
Ова е најгрозоморниот скандал во Македонија. Обвинителството на сето тоа молчи. Се прави слепо и глуво.
Паниката која владее кај владејачките структури покажува дека Анкетната Комисија го погоди нервот на мафијата.
Доколку СДС прават се, заклучоците да не се донесат, а обвинителството да не отвори истрага, тогаш залудно се мачат“, истакнуваат од партијата на Мицкоски.
Дополнуваат дека Анкетната комисија извади на виделина многу аспекти од овој скандал, и истите можат да бидат добра основа за идна истрага која ќе ја спроведе професионално и слободно обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

