Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Груби постојано потенцира дека ништо не правел без одобрување на Ахмети, не може тој да се сомничи за корупција, а Ахмети и другите да се чесни
„ДУИ се демаскирани, прочитани и поразени. На ДУИ веќе никој не им верува. Од ДУИ се откажаа и стратешките партнери САД, како и нивните членови и поддржувачи. Само ДУИ и Али Ахмети не се откажуваат од Артан Груби, кој поради криминал и влијание во судството се најде на црната листа на САД. За Артан Груби, Ахмети му се спротивстави и на САД. По ставањето на црната листа на Стејт департментот, Ахмети не се дистанцираше од Груби, не го исклучи од партија и не го разреши од партиските функции. Со тоа директно и отворено му се спротивстави на САД, на чија правда и демократски вредности постојано се повикуваат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Повлекувањето на Артан Груби од јавниот живот не е доволно. Тој треба да сноси одговорност за сторените кривични дела и да ги врати на државата украдените пари. Воедно, Груби сам не ги правел криминалните дела, со него сигурно има соработници како од ДУИ така и од СДС со кои седум години заедно владееле, како на пример Али Ахмети. Имено, Груби постојано во јавните настапи потенцираше дека ништо не правел без знаење и одобрување на Ахмети. Не може Артан Груби да се сомничи за криминал и корупција, а Али Ахмети и останатите да се чесни. Тој имал и соучесници и сите тие треба да одговараат пред лицето на правдата“, велат од партијата и додаваат:
„Сите соучесници на Груби од ДУИ и од СДС треба да одговараат и за сето она што им го направија на македонските граѓани, како на Македонците така и на Албанците. Заедно со СДС ги користеа и злоупотребуваа за нивни цели и за остварување на нивните амбиции за стекнување милиони врз нивниот грб. Седум години го испокрадоа народот и од немаштија го натераа да се иселува за тие да уживаат во луксуз од украдените милиони. СДС и ДУИ седум години го окупираа судството и ниедна одлука не смееше да се донесе без нивно одобрение. Раководствата на овие партии, посебно Артан Груби, што се покажа и со случајот со судијата Енвер Беџети, најмногу влијаеше на судските одлуки. И во однос со Уставен суд, и СДС и ДУИ добро знаеја дека ништо нема да се случи и дека нема да се донесе никаква одлука, затоа што сите девет судии ги избрале токму тие, но сепак се одлучија да прават политички циркус. Тој циркус им беше за создавање на атмосфера на етнички тензии и за дефокусирање од нивните криминали кои почнуваат да излегуваат на површина. Се докажа дека создавањето атмосфера на етнички тензии, како таа пред Уставен, е за спас на криминалците од ДУИ и СДС, како Артан Груби. Но, прочитани се и никој не им верува и сите обиди за избегнување одговорност ќе им бидат залудни. Одговорност за сторените криминални дела ќе има“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

