Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Со законот за двојазичност власта ја силуваше демократијата
СДСМ и владејачкото мнозинство го погазија правото и ја деградираа правната држава, стои во денешното соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму истакнуваат дека власта нелегално го прогласила законот за двојазичност за изгласан оневозможувајќи ја со закон загарантираната амандманска расправа.
„Власта не ги зеде предвид укажувањата на претседателот на државата, стручната јавност, граѓаните и политички фактори и изгласа неуставен, неприменлив и штетен закон. Владејачкото мнозинство ја силуваше демократијата и не ги послуша апелите на граѓаните. За СДСМ побитен беше меѓукоалицискиот договор отколку граѓаните и иднината на државата“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не го признаваат овој закон и дека ќе поднесат кривична пријава против Талат Џафери.
„СДСМ се однесува игнорантски и се става над законите. Власта ги злоупотребува државните институции за одржување на коалицијата на стаклени нозе. Злоупотреба на институциите е и политичкиот прогон врз десетина патриоти кои се дел од монтиран судски случај“, истакнуваат од опозициската партија.
Велат дека СДСМ мисли дека со ставањето во притвор македонски патриоти и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да ги замолчи граѓаните и неа како партија пред штетните политики.
„СДСМ и сите нивни извршители во политички креираните случаи треба да знаат дека власта што моментно ја уживаат нема да трае вечно. Секој еден што се огрешил пред законот и ги злоупотребил институциите ќе сноси одговорност за своите нелегални дејства“, стои во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

