Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Со своето однесување Арсовска нанесе голем срам на Градот Скопје и институцијата градоначалник
„Македонската јавност беше сведок на срамното и недолично однесување на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која во недостиг на идеи како да ги реализира ветените проекти за подобрување на животот на скопјани го продолжува нејзиното неколкумесечно деструктивно однесување“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија на Фејсбук пишуваат дека „за време на седницата на Советот на Град Скопје Арсовска пред очите на целокупната јавност јасно ја попречи работата на Советот, го попречи нормалното одвивање на седницата за поставување советнички прашања, а нејзиното непочитување на Советот отиде до таму што дури и се уфрлаше во дискусиите преку паралелен и недозволен звучен систем. Со ова, пред очите на целокупната јавност Арсовска отворено прекрши одредби од Законот за локална самоуправа, поточно 48, став 1 и 2, каде на претседателот на Советот на Град Скопје не му беше дозволено да ги реализира своите права и обврски за организирање и раководење со седницата“.
„Згрозени сме од недоличното однесување на Данела Арсовска, која како градоначалник, наместо како пример за добро однесување и управување е пример како не смее да се однесува јавен функционер. Го повикуваме Државниот инспекторат за локална самоуправа да постапи согласно своите надлежности за очигледното прекршување на одредбите од Законот за локална самоуправа. Дополнително, минатата недела Комисијата за локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ изрази загриженост за неколкугодишната стагнација во процесот на децентрализацијата, која во голема мерка е и поради недоволната инволвираност на ЗЕЛС, предводено од Арсовска, која е претседател на ова тело“, соопштуваат од партијата.
„Ја повикуваме Арсовска, која повеќе од очигледно нема капацитет да раководи со Градот, да си поднесе оставка од позицијата градоначалник на Град Скопје, како и претседател на ЗЕЛС“ – велат оттаму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.