Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски веднаш да даде оставка, знаел за бегството на Мијалков
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, да даде оставка веднаш, бара ВМРО-ДПМНЕ, по бегството на Сашо Мијалков.
„Оливер Спасовски да си даде оставка веднаш. Додека Спасовски ажурира членство по куќи, Сашо Мијалков му побегна пред очи. Иако институциите знаеле уште од саботата дека постои опасност да бега, од МВР 24 часа не презеле ништо и чекале да побегне. Според информациите кои излегоа во јавноста институциите знаеле уште во саботата во 16 часот дека постои опасност од бегство на Сашо Мијалков, но не презеле ништо. Чекаа да помине цел ден и Мијалков да избега“, велат од партијата.
Доколку Спасовски знаел дека Мијалков ќе бега, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, зошто не ги презел сите неопходни мерки против негово бегство и зошто дозволил Мијалков да побегне?
Според ВМРО-ДПМНЕ, со самиот факт што Спасовски знаел за бегството на Мијалков и не презел ништо говори дека Спасовски свесно го пуштил Мијалков да избега.
„Постои основан сомнеж дека има договор Заев – Спасовски – Мијалков за бегството на Мијалков и Спасовски мора веднаш да си даде оставка. Секој поминат ден на чело на МВР е штетен за државата. Оставка веднаш“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улиците: Полог и Кочанска, општина Кисела Вода;
– од 08:30 до 16:00 часот, корисниците од населените места и објектите од село Алдинци кон Солунска Глава, општина Студеничани;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Македонско Косовска Бригада, општина Шуто Оризари;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од објектите во околината на зграда бр. 17 на бул. Партизански Одреди, општина Центар;
– од 09:30 до 13:00 часот, корисниците од ул. 6 во село Бардовци, општина Карпош.
Македонија
Непречен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Времето денес облачно со повремени врнежи од дожд и засилен ветер
Времето денес ќе биде променливо облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен до силен ветер од југозападен правец (над 70 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 19 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд, локално пороен. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во утре ќе има преодно стабилизирање на времето. Од недела до вторник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во понеделник наместа врнежите ќе бидат пообилни и поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец (над 70 km/h).

