Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски и МВР открија „криминал од светски размери“ со назначување директор на училиште во Кочани
„Криминалот во државата цвета, криминалци како на Дивиот запад се пукаат во центар на главниот град и шетаат слободни низ улиците, ама за тоа МВР на Спасовски откри „криминал од светски размери“ со именување на директор на училиште и кривична пријава за градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Преку соопштение на МВР, небаре откриле и спречиле огромен криминал, известија дека поднеле кривична пријава против градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов. Но ни буква, ниту збор, а не пак истрага за назначувањето за директори со средно образувание на коалициониот градоначалник Рамиз Мерко, кој патем е и на црната листа на Америка.
Само заради тоа што кандидатот, директорот на училиштето, не им е по мерка на криминалците на власт ДУИ и СДС решија кривично да го гонат градоначалникот на Кочани се со цел дефокусирање од сите порази“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„На претендентот за претседател на државата Оливер Спасовски, не му е битно како низ улиците во државава се тргува со наркотици, не му е ни битно за тоа што со месеци и години не се расчистуваат убиства сред бел ден, ниту пак како се извадија стотици пасоши за светски криминалци, ама за тоа партискиот реваншизам е највисоко ниво за билдање на партискиот рејтинг.
За тоа довербата кон институциите од сите релевантни истражување е на најниско ниво. Токму заради злоупотребата на институциите, полицијата, обвинителството, судство за партиски прогон додека криминалот и криминалците се заштитени како бели мечкин од власта на ДУИ и СДС“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

