Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Срамната епизода „Стево и плочата“ до вчера се фалеше, денес вели дека била спомен-плоча од привремен карактер
Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Пендаровски води политика од денес за утре.
„Сè е сведено само на гол пиар и зад неговите ставови и потези нема никакна стратегија, туку се води според народната купи ден помини. Пред само една недела Пендаровски бомбастично ја промовира својата посета на манастирот „Свети Прохор Пчински“, каде што се одржало првото заседание на АСНОМ“, велат од партијата на Мицкоски.
„Поминаа само фалбите на Пендаровски, помина пиарот и по принципот на Потемкино село, работите ги снема. Она на што Пендаровски посвети најмногу фалење, а тоа е спомен-плочата во манастирот, веќе е тргната. Но, Пендаровски не би бил Пендаровски ако не си ги одрече своите зборови. Тој секој пораз знае да го претставува како победа, ама сосема друго прашање е колку му веруваат граѓаните. Па, така, и во овој случај неговиот кабинет се резилеше, па објаснува дека спомен-плочата била од привремен карактер(!?) Веројатно, во светот ова е единствен случај на привремена стави-вади спомен-плоча, која како Потемкино село се става и се вади само за очите на јавноста“, се додава во писмената реакција од опозициската партија.
Оваа срамна епизода „Стево и плочата“, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ, е продолжение на безличната политика на Пендаровски, која во последните неколку месеци ја збогати, како што велат, со зачестени пишман-изјави во стилот на неговиот соработник Заев.
„Пендаровски треба да знае дека и тој како и целата оваа екипа на СДСМ ќе завршат на историското и на политичкото буниште поради сите лаги, понижувања и порази што му ги приредија на народот“, се потенцира во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

