Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Стари кадри од времето на Заев обременети од претходните функции, Филипче ги претставува како нови лица во раководството на СДС
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДС продолжува да тоне се подлабоко.
Наместо промени, нови лица и свеж кадар, на раководни позиции, СДС, додаваат од владејачката партија, повторно стави стари и излитени лица уште од времето на Зоран Заев.
„Венко Филипче најави таканаречена „Нова сила“, а всушност врати стари лица на Заев, со кој ја приватизираа и на крај ја раскрчмија СДС.
Старите кадри претставени како ново раководство на СДС, Заев му ги напиша, а Филипче само ги изгласа.
Во нивното т.н. ново раководство влезе Филип Андов кој е поранешен директорот на затворот Шутка со активна кривична пријава за злоупотреба на службена должност, како и Јон Фрчковски кој беше фатен и призна дека на своето работно место консумира наркотични средства, а наместо осуда од СДС доби унапредување.
Тука е и поранешна директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска која и досегашен член на ИО на СДС, па Драган Крајовски, претседател на ОО на СДС во Битола во времето на Ковачевски а директор на затворот „Црн мост“ во времето на Зоран Заев и член на ЦО на партијата, а за претседавач Филипче го избра Герасим Лазов.
Следниот е Дејан Николовски, кој беше вработен во кабинетот на Заев, задолжен за странските инвестиции и досегашен претседавач на ЦО, како и Андреј Жерновски, неуспешен и скандалозен дипломат, неуспешен градоначалник и градежник кој за функција прелета од ЛДП во СДС на Заев, кого јавноста не го памети по ништо добро, туку само по ширење на паника дека ќе се урне стадионот кој Скопје ден денес го користи.
Агрон Демири, поранешен советник во секторот за ЕУ и меѓународна соработка, па во Одделението за правни услуги во АД ЕСМ, коносител, односно втор на листата во шеста изборна единица на минатогодишните парламентарни избори кога СДС го претрпе најголемиот пораз а тој не успеа да пратеничко место.
Организацискиот секретар, Љупчо Фармаковски, наречен Фосил, државен советник во МВР и во влада уште од времето на Хари Костов, кој до ден денес му е главен координатор за човечки ресурси во Комерцијална Банка. Во 2008 година беше претседател на Националната комисија за интегрирано гранично управување, а и до сега ја извршуваше истава партиска функција.
Да не ја заборавиме и Јована Тренчевска, поранешна министерка за труд и социјална политика во владите на Заев, на работа го врати директорот на меѓуопштински Центар за социјална работа во Радовиш, Александар Филев од СДС, откако беше разрешен затоа што беше фатен во трговија со дрога.
Тренчевска лани се повлече од функцијата како Претседателка на форумот на жени, при што на социјалните мрежи пишуваше дека е време во СДС да приклучат нови лица блиски до народот на кои им се верува, неизвалкани од бремето на претходните функции“.
А Филипче, според ВМРО-ДПМНЕ, избра спротивно на ова, сите до еден стари кадри, со што се потврдува нашата, како што велат, и на цела јавност констатација, СДС продолжува да тоне, наместо да направи суштински структурни и кадровски промени.
Според нив, ова е убедливо најлошиот состав на СДС кој Филипче и Заев го избрале, што на следни избори и 100 илјади гласа ќе им бидат недостижни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Битола објави повик за доделување финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти
Општина Битола го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства од буџетот на општина Битола на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти за 2026 година.
Право на учество на јавниот повик ќе имаат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски и младински категории, како и другите физички и правни лица од областа на спортот чиешто регистрирано седиште, односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на Општина Битола.
Пријавите треба да се достават до Општина Битола преку пошта на адреса; Општина Битола, Булевар 1 –ви Мај број 61, 7000 Битола или да се достават во архивата на Општина Битола од 07:30 часот заклучно со 15:30 часот до последниот ден од Јавниот оглас.
Рокот за поднесување на пријавите започнува од 25.02.2026 година и трае заклучно со 11.03.2026 година.
Пријавите од јавниот повик ги разгледува Комисијата за млади и спорт од Советот на Општина Битола и согласно критериумите ја одбрува висината на финансиската поддршка. Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2026 изнесува 2.000.000,00 денари за спортски клубови/спортски здруженија и 1.000.000,00 денари за индивидуални спортисти.
Повеќе за јавниот повик на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/sportski-klubovi-zdruzenija-i-sportisti/
фото/ Depositphotos
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.

