Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Тошковски не скри нешто, не рече дека законот не важи за татко му
Апасиев е фрустриран од работата на Тошковски бидејќи законот важи за сите. Левицата да одговори како, освен сутерен во строгиот центар на градот, стигна и до ресторански локал, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата на Левицата дека татко му на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски е вмешан во измамите со инвалидските пензии.
„Ги разбираме и нервозата и фрустрацијата на партијата Левица, приврзок на Зоран Заев и групата вљубеници во делото на Енвер Хоџа, кон министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Зад таа фрустрација се кријат стравот и знаењето дека Тошковски расчистува со криминалците и што законот по многу децении важи за сите еднакво. Тошковски не скри нешто, не рече дека законот не важи за татко му, а за сите други важи, туку и роден брат или сестра да е, ако згреши, треба да одговара. Затоа и Левицата и Димче Апасиев се преплашени. А еве дополнителна причина за нивен нов страв“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму повторија дека т.н. подрум, кој Левицата го купи во центарот на градот по багателно ниска цена, не е само подрум, туку има и приземје.
„На тоа место, кое е над земја три-четири метри, е регистриран локал, односно друштво за угостителство и услуги ‘Павилјон 36’ ДООЕЛ Скопје. Регистрирано е на истата адреса на која се наоѓа подрумот или сутеренот. Дури и си направиле профили на социјалните медиуми, прилично слични на профилот на една политичка партија. Кога малку ќе се истражи и ќе се извади тековната состојба, покрај тоа што уплатиле 5.000 евра во кеш за регистрирање на ова друштво за угостителство и услуги, како сопственик се јавува лицето Зоран Ивановски. Тој се јавува како управител, како менаџер и ја регистрирал оваа фирма, која се занимава со дејност ресторани, но и дејности на интернетски портали. Тоа е подружницата од ова друштво. Лицето Зоран Ивановски е дел од претседателството од Левицата и е дел од управниот одбор на „Скопски водовод“, а на интернет има и негови фотографии со претседателот на политичката партија Левица“, се наведува во реакцијата.
Дополнително, велат од таму, ако ги слушате последните искази од случајот поврзан со Палевски и сведочењата таму, ќе чуете дека тие се среќавале во штабот на партијата Десна, која бил во објектот „Опера хаус“, а „Опера хаус“ е токму овој објект.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

