Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Царовска и луѓето околу неа создадоа хаос
Прес-конференцијата за реализација на Оперативен план за вработување за 2019 година е доказ и потврда за хаосот кој го создадоа Мила Царовска и луѓето околу неа.Сите постапки започнати од 2018 година, а поврзани со активните мерки и политики за вработување се без вистинска анализа на пазарот на труд, без консултации со работодавците, без анализа на индивидуалните планови за вработување на невработените лица и нивно профилирање, без сериозен пристап при димензионирање на мерките, без календар за реализација на Оперативниот план за вработување и без обука за вработените за имплементација на Оперативниот план односно нејасни и неприменливи оперативни упатства, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ за наводите изнесени од Мила Царовска за Оперативниот план за вработување.
Според партијата, Агенцијата за вработување и МТСП, наместо да бидат мост помеѓу понудата и побарувачката, тие го зголемија јазот и со нивната нестручност, импровизација и политиканство, мотивираа многу граѓани да побегнат од Македонија, а за жал поголемиот број од нив се млади.
„Оперативниот план за 2018 година, Владата го изгласа на 28.02.2018, првиот оглас се објави дури на 15.03.2018 година, додека првите договори со невработени лица се потпишаа втората половина на месец мај. Пропуштивте да им понудите помош на невработените и работодавците во првиот квартал од 2018 година додека во последните два квартали од 2018 година, немате скоро никаква понуда на активни мерки за вработување.
Во 2019 година е поразителна исто така, еден месец порано го донесовте Оперативниот план но затоа сите огласи започнаа и завршија во еден месец, три пати го ревидиравте планот заради „доброто” планирање, првите договори за самовработувањето се потпишаа дури во месец септември, се објавуваа огласи (најскапите мерки) кои траеја по неколку часа и строго беа резервирани за активисти и роднини на СДСМ.Единствената вистина влегува во оние преостанатите 1.4% и е точен податок за процентот на реализацијата на парите од Оперативниот план и сте во мртва трка со Фондот за иновации.
„Искусната“ Мила Царовска, единствениот успех со кој може да се пофали е уништувањето на активната мерка практиканство, мерка која беше прогласена за најуспешна врз основа сериозна и професионално спроведена анализа (за жал единствена) за успешност на мерките на Агенција за вработување. Со донесување на Законот за практиканство кој не донесе очекувани резултати, кој е надвор од рамките на системскиот Закон за работните односи и неусогласен со Законот за безбедност и здравје при работа, непотребно се уништува, најуспешната активна мерка „Практиканство“. Мила Царовска не смее да зборува за реализација и успешност на мерките за вработување, кога ниту еднаш и од никого не е извршен надзор ниту каква било контрола над спроведување на мерките од Оперативниот план, освен административна, од канцеларија(одјава/пријава на корисници на активни мерки).
Директорката на Агенција за вработување Билјана Јовановска се фали за тимска работа и позитивна енергија, а ниту еднаш не присуствувала на колегиум во министерството, од тројца овластени синдикални претставници во АВРМ, од двата синдикати кои постојат во Агенција за вработување им има изречено пет откази и едно распоредување, по препорака од Владата. За „позитивната“ енергија кај вработените во АВРМ ќе дознаваме дополнително, за сега знаеме само дека во Агенција се работат многу работи, но не и имплементација на активните мерки и политики за вработување.Младинска гаранција која исто така се спомна на прес- конференцијата е нереална мерка и фикција, се користи за популистички пароли а во основа не постои, нема определено буџет, опфат на корисници, услови и слично. Едноставно секое младо лице кога ќе се пријави во Агенција за вработување, се евидентира како дел од младинска гаранција. Доколку истото лице се вработи кај било кој работодавец без да користи било каква мерка, повторно се евидентира и се прикажува како успешна приказна на Мила Царовска“, се вели во соопштението.
Според партијата, Обнова на Македонија ќе ја врати вистинската улога на институциите и ќе креира политики кои ќе бидат врз основа на сериозни анализи на пазарот на труд, мост помеѓу понудата и побарувачката. Ќе димензионира мерки врз основа на професионално профилирани и кариерно водени невработени лица со наменски насочени мерки кои ќе ја зголемат нивната вработливост и ќе ги направат атрактивни на пазарот на труд односно за работодавците.
„МТСП и АВРМ ќе подржуваат единствено одржливи и долгорочни работни места со пристојни плати и услови за невработените лица. Заев, Царовска и СДСМ се виновни за поразите, измамите и криминалите. На 12 април следува одговорност. Заев никогаш повеќе“, се вели во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.
Македонија
Промовирани првите акредитирани учебници по психијатрија
Амфитеатарот на Медицинскиот факултет во Скопје денеска беше полн – претставници од Министерството за здравство, деканот и продеканите на Медицинскиот факултет, раководители на катедри, голем број професори, доктори, специјализанти и претставници на студентски организации присуствуваа на свечената промоција на првите акредитирани учебници по психијатрија, со што се испиша историја во македонската психијатрија.
Уредници на првиот акредитиран учебник „Психијатрија“ се проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска, проф. д-р Антони Новотни и проф. д-р Димитар Боневски. Тие се и автори на учебникот „Медицинска психологија и социологија“, заедно со Андромахи Наумовска, виш научен соработник.
Промоцијата на двата учебника ја отвори деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, кој рече дека учебниците ќе остават траен белег во наставата по психијатрија и ќе претставува значаен чекор напред во развојот на психијатриската наука во Македонија.
„Ова е историски момент, затоа што се темели на основите поставени од нашите професори од почетоците на психијатријата во Македонија. Ова се први учебници што се акредитирани и имаат академско, научно и практично значење“, рече Арсова Хаџи-Анѓелковска, директорка на Клиниката за психијатрија и автор на учебниците.
„Информации има насекаде, често расфрлани, без контекст, без тежина, без проверка. Учебникот е нешто сосема друго – тоа е знаење, со вткаено искуство, структура, логика, клиничко размислување, сомнежи, одговори, приоритети – тоа е учебникот што се обидувавме да го направиме и се надевам така ќе го доживеат нашите колеги“, рече во своето обраќање проф. д-р Антони Новотни.
Во однос на учебникот по „Медицинска психологија и социологија“, авторите кажаа дека станува збор за издание кое треба да го прочита секој доктор, бидејќи станува збор за водич за целосно разбирање на пациентите – како личност со своја историја, ставови, надежи и ресурси и дека тука лежи суштината на медицинската психологија – во спојот меѓу науката и човечноста.
Во знак на благодарност за минатиот труд и придонес во развојот на катедрата и наставата, директорката на Универзитетската клиника за психијатрија, Славица Арсова им додели благодарници на професорите во пензија од Универзитетската клиника за психијатрија и на рецензентите, за значаен придонес во развојот и унапредувањето на психијатријата.
Со издавањето на новите учебници, заокружени со денешниот настан, македонската психијатрија добива институционална зрелост – формализирана, акредитирана и систематизирана во сопствено академско издание.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.

