Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Што толку го радува Ковачевски 5 дена да лумпува по Белград, кога во Македонија расте сиромаштијата, инфлацијата, долгот, паѓа стандардот и економијата тоне?!
Ковачевски и неговата владина екипа 5 дена јадат, пијат и лумпуваат во Белград, додека во Македонија народот гладува и тоне во сиромаштија. Гледаме пее по кафеани и отвора шишиња вино, па нека се охрабри додека е “под гас“ да го праша претседателот на Србија, Вучиќ како успева да ја одржи инфлацијата пониска од нашата, како успева да го одржи растот на БДП повисок од нашиот, како успева да изгради автопати, како привлекува странски инвестиции и слично, велат во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
– Навистина сме изненадени и не зачудува, што толку може да го развеселува Ковачевски кога во Македонија стапката на сиромаштија опфаќа речиси 600 илјади лица; кога 80 илјади лица се во екстремна сиромаштија, кога има рекордна инфлација, а основните производи се поскапени во просек за 40%, што е тројно повеќе отколку во Европа, кога долгот на државата галопирачки расте, а во исто време растот на економијата ни е најмал во регионот, кога нема испечатени учебници трета година по ред, кога нема никакви инфраструктурни проекти, кога нема лекови за граѓаните, кога на клиниката на Онкологија некој прави криминален бизнис на грбот на најтешко болните, кога има распад на судскиот систем, кога ништо не функционира во државата освен корупцијата и организираниот криминал на власта, велат од оваа партија.
Ништо од ова погоре споменатото не го спречува Ковачевски да се весели и да прави баханалии по регионот со денови. Резилот за жал не е само негов, тој е и на Македонија. Но отрезнувањето следи многу скоро, на следните избори, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.
Македонија
Системот за видеонадзор на сообраќајниците „Безбеден град“ е поставен во Скопје, Куманово и Тетово
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работна средба на Единицата за оперативно-технички работи при Бирото за јавна безбедност во чија надлежност е системот за видеонадзор на сообраќајниците познат како “Безбеден град“.
Во рамки на посетата министерот беше запознаен со работата на оваа организациска единица, тековните активности и проблеми од делокругот на нивната работа.
„Во тој контекст беше истакнато дека во моментот ваков систем е поставен само во Скопје, Куманово и Тетово, има недостаток на покриеност на многу значајни крстосници, а голем дел од камерите и опремата која се користи во овој систем е технички застарена, а дел и неисправна. Исто така бев информиран за наградбата на системот која е во тек, а која опфаќа замена на постојните камери со нови и проширување на системот со нови камери на точки кои досега не беа покриени. Водено, во фаза на тестирање е системот за автоматско евидентирање на сообраќајни прекршоци за чие целосно ставање во функција потребно е да се направат и соодветни законски измени“, издвои министерот Тошковски од средбата и додаде:
Во иднина треба во континуитет да се инвестира во овој дел, да се прошири и во другите градови низ државата, како и да се распредели дополнителен кадар со цел оваа организациска единица да работи непречено во текот на 24 часа, бидејќи е од круцијално значење за обезбедување на поволна безбедносна состојба.