Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Џафери
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието Талат Џафери поради „свесно кршење на Уставот и законите“.
Криивичната пријава се случува откако пред два дена претседателот на Собранието Џафери пред Комитетот за надворешна политика на ЕП се обрати на албански јазик.
По тој повод, професорката и пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, на прес-конференција во Собранието остро го критикуваше однесувањето на Џафери. Таа истакна дека со обраќањето, тој го прекршил Уставот преку своја лична интерпретација на одредбите на јазикот, како и дека за истото треба да одговара, а ја повика и претседателката на Уставниот суд да постапи по иницијативите за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците.
„Претседателот на Собранието Талат Џафери го промовираше на меѓународен план јазичниот федерализам имено тој зборуваше на албански јазик, би сакала да упатам на уставното решение, односно на амандманот 5 од Уставот, Член 1 во кое јасно се вели дека на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“, вели пратеничката Силјановска Давкова.
Силјановска посочи дека ставот 2 од истиот Член од Уставот вели дека јазикот кој го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните исто така е службен јазик со неговото писмо, но во истиот член никаде не пишува дека истиот може да се употребува во меѓународните односи.
„Ова значи дека господинот Талат Џафери си го допиша Уставот преку своја лична интерпретација на одредбите за јазикот“, истакна Силјановска Давкова.
Пратеничката посочи дека претседателот на Собранието треба прв да покаже дека е под Уставот и законите, а дека и го почитува Деловникот и треба така и да се однесува во меѓународните односи.
„Во меѓународната јазична практика дури и во федерации како Шварцарија или Белгија кадешто ние пратениците ги добиваме законите на два јазика, секогаш постои автентична верзија, заради опасноста од различниот превод да се гласа за различни решенија, не ми е јасно кој е авторот на ваквиот модел, пратениците Албанци можат да ги добиваат материјалите на албански јазик, но не постои обврска за пратениците Македонци, Турци, Роми, Власи и останати да добиваат текст на албански јазик, па по тоа ова е невообичаена пракса дури и за Европскиот парламент, и очигледно е ова некоја нова јазична инвенција“, појасни Силјановска.
Силјановска вели дека оваа како што рече јазична инвенција не само што е незаконска и неуставна и доведува до големи забуни.
„Очекував службите во Собранието да му алармираат на претседателот на Собранието, но очигледно дека тој мисли дека се’ е дозволено, точно е дека ваквите текстови доаѓаат и од Владата“, вели Силјановска Давкова.
Таа потенцираше дека личните документи се издаваат на македонски јазик како и на тој јазик во согласност со закон, значи „и“, „и“, не „или“, „или“, како и го потенцираше примерот кој се случи во Тетово каде матичните служби им велат на граѓаните дека мораат да ги добијат личните документи двојазично затоа што нивниот број бил низок од 20 проценти, кое е уште едно кршење на Уставот.
„Ја повикувам претседателката на Уставниот суд која вели дека никој не може да влијае врз неа, да ги процесуира неколкуте иницијативи за оценка на уставноста на законот на употреба на јазиците, јас како професор одгoворно тврдам дека и процедурално тој е донесен спротивно на Уставот и законот во скратена постапка со европско знаменце, а овој закон не беше потпишан од претседателот на државата, а без негов потпис тој закон е невалиден, односно станува збор за неовластено фалсификување, на потег треба да биде Уставниот суд“, појасни Силјановска Давкова.
Интерпелација за Џафери денеска најави Левица, а поддршка доби и од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

