Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: 13-ти ден не работат операционите сали на Хирургија, СДС и ДУИ го оставаат здравството во хаос

Тринаесетти ден не работат операционите сали на Хирургија, СДС и ДУИ го оставаат здравството во хаос, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од тука додаваат дека десетици и стотици пациенти се препраќаат по другите болници во Скопје затоа што Хирургија на Клинички не работи, а од пред 2 дена апаратите за компјутерска томографија и РТГ исто така не работат. Како да не беше доволен хаосот со операционите сали.
И додека Клинички колабира, најмалку петмина од раководството и администрацијата на Хирургија, меѓу кои и Адмир Дајоски економскиот директор на Торакална, среде хаосот заминале на патување на Азурен Брег.
„Знае ли министерот во заминување дека тој, СДС и ДУИ прават несогледлива штета за здравството?“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
Негрижата кон здравството кое оваа власт го манифестираше изминативе години сега се излеа целосно на површина. За ова одговорност мора да има, додаваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотрес рано утринава ги разбуди граѓаните на Валандово и на околината

Утрово во 5:54 часот, земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го стресе регионот околу Валандово, информира Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија го регистрирала потресот на неколку сеизмолошки станици ширум државата, при што е утврдено дека епицентарот се наоѓа во епицентралното подрачје Валандово, оддалечено околу 120 километри југоисточно од главниот град.
Според првичните информации од Сеизмолошката опсерваторија, земјотресот бил почувствуван во Валандово и околните населени места со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала (EMS).
Засега нема информации за причинета материјална штета или повредени лица, но локалното население на социјалните мрежи известува дека потресот бил „краток, но силен“, и ги разбудил во раните утрински часови.
Сеизмолозите продолжуваат да ја следат ситуацијата и ги повикуваат граѓаните на смиреност, посочувајќи дека ваквите потреси се честа појава во сеизмички активниот регион на југоисточна Македонија.
Македонија
Колони на границите, на „Богородица“ се чека до 40 минути, на „Табановце“ до 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, но фреквенцијата на возила, особено кон граничните премини, денеска е значително зголемена, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Најголема гужва има на Граничниот премин Табановце, каде времето на чекање за влез и излез од државата е од 15 до 30 минути. На Богородица ситуацијата е уште поинтензивна – за излез од државата се чека до 40 минути, додека на ГП Дојран времето на задржување е 20 до 30 минути.
„Состојбата на патиштата е стабилна и коловозите се суви, но фреквенцијата е зголемена. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, со прилагодена брзина и да ја почитуваат сигнализацијата, особено на делниците каде што има опасност од одрони“, велат од АМСМ.
Посебна претпазливост се препорачува на патните правци низ котлините, речните долини и клисурите – Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево – каде што постои ризик од појава на одрони.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Денес сончево со ветер, од утре повторно температурата во постепен пораст

Управата за хидрометеорологија (УХМР) за денес прогнозира претежно сончево време со умерен до засилен ветер од северен правец, кој наместа ќе достигнува брзина од 60км/ч.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Од понеделник следува период на стабилно и потопло време со постепен пораст на дневнaтa температура.